Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ја одржа последната седница во актуелниот состав, пред претстојните локални избори.
На седницата, свое обраќање имаше претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој направи осврт на сработеното во изминатиот период и упати благодарност до сите делегати за досегашната соработка.
Тој посочи дека изминатата година била особено продуктивна. Како клучни постигнувања ги истакна потпишувањето на новиот Меморандум за соработка со Владата, добиената финансиска поддршка преку унгарскиот кредит за инфраструктурни проекти, како и засиленото партнерство со повеќе министерства, особено во делот на финансирање на општините и противпожарната заштита.
Ѓорѓиевски наведе дека ЗЕЛС продолжува активно да работи на своите три стратешки цели – лобирање пред централната власт, јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка за дигитализацијата на општинските услуги. Беше најавено и дека е во тек изработка на нова петгодишна стратегија за периодот 2026–2030 година.
Меѓу значајните законски измени што се во собраниска процедура, беше посочена и иницијативата на ЗЕЛС за можност за отповикување на градоначалникот, како и институционализацијата на форумите во заедницата како алатка за поголемо учество на граѓаните во донесувањето одлуки.
– Актуелната Стратегија на ЗЕЛС истекува оваа година и веќе започнавме со подготвување на нова Стратегија за периодот 2026-2030 година. Формиравме работно тело, кое наскоро ќе се состане и ќе ги разгледа одговорите од прашалникот што беше доставен до вас и мислам дека скоро ќе ја имаме и првичната предлог верзија – истакна Ѓорѓиевски.