Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави решителна борба против бесправно поставените и дивоизградени објекти во градот, оценувајќи дека станува збор за долгогодишен системски проблем, а не за состојба создадена во изминатиот период. Тој посочи дека бесправните објекти се резултат на „неажурноста на институциите 30 години наназад“.
– Тоа не се проблеми од пред еден месец. Уште пред осамостојувањето, а и подоцна, се дозволувало на одредени лица да узурпираат државно земјиште. Имаме објекти на паркови, паркинзи, па дури и на пешачки и велосипедски патеки, без никакво одобрение – изјави Ѓорѓиевски.
Тој направи споредба со купувањето возило без документација, потенцирајќи дека како што не може да се купи автомобил без документи, така не може да се купуваат и препродаваат објекти без правна основа.
– Тоа е незаконски и јас сум решен да одам докрај – нагласи градоначалникот.
Според него, со дел од општините веќе се склучени меморандуми за соработка за заедничко постапување, а е извршен увид во општините Центар, Чаир и Карпош. Како конкретен пример го наведе објектот во близина на „Холидеј ин“, за кој било поднесено барање за легализација, кое било одбиено од Општина Центар.
– Не можете да легализирате објект на булевар, тоа не е согласно со закон. Чекаме да помине законскиот рок и тој објект ќе биде отстранет – рече Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека веќе е урнат еден објект меѓу Драчево и Пинтија, и покрај поднесените жалби, и најави дека ќе продолжи постапувањето и во други случаи каде што функционирале објекти без валидни договори со градот.
– Не може да има ресторан за свадби во двор на средно училиште. Не може некој да издава објект на трето лице по многу повисока цена, а најмалку две години да нема договор со градот. Таму веќе постапуваме – истакна градоначалникот.












