Ѓорѓиевски нов скопски градоначалник, Јовановски на чело на Кичево, Грозданов на Кочани, Илиевски останува во Брвеница

Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на Град Скопје, откако во вториот круг од локалните избори оствари убедливо водство пред противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ. Според првичните резултати на Државната изборна комисија, Ѓорѓиевски освои речиси 88 илјади гласа, наспроти околу 55 илјади на Мециновиќ, при обработени 92 процента од гласачките ливчиња. Победничка атмосфера владее во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ, која забележа водство и во повеќе клучни општини низ државата, односно општини каде што се водеа најнеизвесните битки – Карпош, Кичево, Аеродром, Кочани, Брвеница. Најголема излезност, преку 70 проценти, до 18:30 часот, имаше во Росоман, Лозово, Дојран, во Демир Капија во Конче и во Пробиштип. Петте општини со најмала излезност беа скопски општини. До 18:30 часот, во Сарај излезноста изнесуваше скромни 11.45%. Не многу подобар беше и Чаир, со 13.71 отсто излезност

160

Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на Град Скопје. Според резултатите што ги објави Државната изборна комисија, набрзо по затворањето на гласачките места,  Ѓорѓиевски беше во водство пред неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ, со однос 2:1.

Со обработени 92 процента од гласачките ливчиња, пред 21 часот, Ѓорѓиевски имаше освоено речиси 88 илјади гласа, наспроти нешто помалку од 55 илјади на контото на Мециновиќ. На неполни два часа од затворањето на гласачките места, во владејачката ВМРО-ДПМНЕ владееше победничка атмосфера, особено поради водствата во неколку клучни општини – Карпош, Кичево, Аеродром, Кочани, Брвеница.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, заклучно со 20 часот и 30 минути, според податоците на ДИК водеше во 21 општина – во Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.

Според податоците на ДИК, коалицијата „Вреди“ до 20 часот и 30 минути водеше во Боговиње, Дебар и во Тетово, каде што со обработени речиси 98 проценти од гласачките ливчиња, Билал Касами водеше со околу 5 илјади гласа.

Во Долнени, водството наизменично го презедоа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“.

Кандидатите на СДСМ водеа во 4 општини – во Центар, Крушево, Зрновци и во Македонска Каменица. Во Куманово, претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на обработени преку 80 проценти од гласовите, водеше со околу 2 илјади гласа пред неговиот противкандидат.

Курто Дудуш од Унијата на Роми, на пребројани 73 отсто од гласачките ливчиња, водеше пред неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ за нешто помалку од 800 гласа.

Точно во 19:00 часот, навреме беа затворени сите избирачки места каде што имаше гласање во вториот круг на локалните избори. Од вкупно 97,60 проценти обработени избирачки места, во 18 часот и 30 минути излезноста изнесуваше 40,46 проценти на ниво на цела Македонија. За Град Скопје одѕивот до 18:30 часот изнесуваше 33,82 процента. Излезноста во првиот круг од изборите беше 48,29 отсто.

Најголема излезност, преку 70 проценти, имаше во Росоман (77.51), во Лозово (75.6), Дојран (72.78), во Демир Капија (72.64), во Конче (70.93) и во Пробиштип (70.59) отсто излезност до 18:30 часот. Висока излезност, преку 60 проценти од запишаните избирачи имаше и во Ранковце, Крушево, Валандово, Чешиново-Облешево и Дебарца. Од друга страна, петте општини со најмала излезност беа скопски општини. До 18:30 часот, во Сарај излезноста изнесуваше скромни 11.45%. Не многу подобар беше и Чаир, со 13.71 отсто излезност. Во Бутел излезноста изнесуваше 26.98%, а во Шуто Оризари и Гази Баба малку повеќе од 30 отсто.

Под 40 отсто излезност до 18:30 часот имаше и во Куманово (33,89), во Ѓорче Петров (35,5) и во Боговиње (39,29) проценти.

Во 32 општини и во Градот Скопје вчера се гласаше за градоначалници, а на три избирачки места во Шуто Оризари се повтори гласањето и за советници.

Во вториот круг се гласаше за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, а за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.

Според Изборниот законик, ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. По добивањето на известувањето, Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот.

Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереникот го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник.

На 19 октомври, на првиот круг, беа избрани 44 градоначалници и советници во речиси сите општини, со исклучок на Шуто Оризари, каде што се прегласуваше. Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, не беше избран градоначалник затоа што на гласањето во првиот круг на 19 октомври не беше постигнат цензусот од најмалку една третина излезност. Во овие општини ќе почне нова изборна постапка за избор на градоначалник во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025, согласно со Изборниот законик.

Право на глас во вториот круг на изборите имаа 1.013.375 гласачи. Од нив, право на глас во Град Скопје имаа 474.304 избирачи. Изборите ги следеа 1.598 меѓународни и странски набљудувачи. На овие осми локални избори во Македонија учествуваа вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ