Ѓорѓиевски: Нема компромис зо загадувачите, изречени казни до 53.000 евра

32

-Нема компромис со загадувачите, а институциите преземаат конкретни и засилени мерки за заштита на здравјето на граѓаните – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски на вонредната седница на Советот на Град Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители.

Тој додаде дека во изминатиот период Град Скопје презел засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведени биле редовни и вонредни надзори, а се работело и на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите. Информираше дека биле изречени казни до 53.000 евра.

-Само во периодот од 6 ноември, 2025 година до 1 јануари 2026 година, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики „Охис“ и „Стаклара“, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра – наведе Ѓорѓиевски.

Освен тоа, тој нагласи и дека одговорни лица во правни субјекти биле казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагале отпад на јавни и приватни површини добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.

-Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на девет градилишта, од кои седум беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имаа позитивни записници. На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице – изјави Ѓорѓиевски.

Исто така, комуналната инспекција извршила 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 им биле изречени глоби од по 1.300 евра.

-Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни – заклучи Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје соопштија дека на седницата се дискутирало отворено и конструктивно, без политиканство, со јасна цел – проблемот со загадувањето да се решава преку конкретни акции, редовни инспекции и заедничка одговорност, а не само декларативно.

-Драго ми е што по долго време за овие прашања се дискутира искрено и без политиканство, со цел да се преземат конкретни активности, а не само да се ставаат проблемите под тепих. Се согласувам со сите излагања на советниците. Овој проблем бара посветеност, конкретни акции и заедничка одговорност. Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите – изјави Ѓорѓиевски.

Тој информираше и дека во буџетот за 2026 година се предвидени  64 милиони денари за делот за животна средина, во споредба со 24 милиони денари во 2025 година, што според него, јасно покажува колку сериозно се сфаќа заштитата на здравјето на граѓаните. Дополнително, биле обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како дел од заложбите на Град Скопје за чист воздух и здрав живот.

Предвидени се и субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, филтри за истите, субвенции за велосипеди итн.

 

 

ИЗДВОЕНИ