недела, февруари 22, 2026
Дома СКОПСКА Ѓорѓиевски на увид со Мицкоски на булеварот „Македонија“: Градежните активности се одвиваат...

Ѓорѓиевски на увид со Мицкоски на булеварот „Македонија“: Градежните активности се одвиваат со засилена динамика, се работи и ноќе

29

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски информираше дека со засилена динамика се одвиваат градежните активности на булеварот „Македонија“, проект со кој градот ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски наведе дека заедно со премиерот Христијан Мицкоски извршиле увид во работите, кои се одвиваат и во вечерните часови со цел да се избегнат дополнителни сообраќајни гужви.

„Работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови. Оваа пракса ќе продолжи“, објави Ѓорѓиевски.

Според него, проектот предвидува реконструкција и проширување на делови од булеварот „Борис Трајковски“, улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и поврзување со булеварот „Македонија“. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, поставување нови семафори и воведување еднонасочен режим на одредени сообраќајни правци.

Во следните фази, како што информира градоначалникот, планирана е изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и дополнителни кружни текови и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.

Подземната сообраќајница ќе има шест ленти, од кои четири за автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува намалување на сообраќајниот метеж и побрзо движење низ централното градско подрачје.

Ѓорѓиевски оцени дека проектот претставува значаен чекор кон модернизација на сообраќајната инфраструктура и развој на Скопје како современ урбан центар.

ИЗДВОЕНИ