Ќе бидат преземени мерки против претходното раководство, поради кое беше казнет Сојузот на стопански комори од Комисијата за заштита на конкуренцијата, за каретлско здружување. Ова е една од причините поради кои дојде и до смена на раководството во ССК и поради кои беше нарушен рејтингот на Комората во која членуваат најголем дел од микро, малите и од средните компании во државата. Новиот претседател на ССК, Горан Ѓорѓиевски, рече дека ќе се направи ревизија на целото работење на Комората и на архивските документи за да се види што се случувало во финансиското работење и ќе бидат поведени соодветни постапки.
Ѓорѓиевски рече дека ќе понуди конкретни решенија и предлози до Владата, максимално ќе се залага за интересите на компаниите и за нивниот раст и секогаш ќе стои зад интересот на бизнисот. Во врска со евентуалните нови владини мерки, тој нагласи дека бизнисот не е за замрзнување на маржите, туку за пазарно формирање на цените. Според него, треба доследно да се применува Законот за нефер трговски практики.
– Цените треба да се формираат пазарно и да се остави Законот за забрана на нефер трговски практики да функционира. Оние што ќе ги прекршат правилата од овој Закон, Владата има механизми како да ги казни. Ние имаме најевтина храна во Европа. Драстично се зголемени само цените на овошјето и на зеленчукот за 20 отсто, додека другите цени се зголемени само за еден до два отсто. Но, кај услугите имаме далеку поголемо зголемување – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека нема да поскапи лебот, бидејќи цената на пченицата е стабилна и дека нема да има големи флуктуации ниту во однос на суровото сончогледово масло.
Во однос на минималната плата, Ѓорѓиевски потенцира дека мора да има одржлив баланс кога се работи за платите. Покачувањето на минималната плата, рече, влијае на зголемувањето на сите други плати. Според него, работната сила е најголем ресурс и мора да се најде баланс.
– Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме за да земаме плата. Треба да креираме ситуација на работење во општеството. Во приватните компании, секој оној што работи добро и е квалитетен зема голема плата. Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на зголемувањето на сите други плати, а малите и средните компании нема да може да го издржат тој товар, бидејќи не се профитабилни колку големите компании – појасни претседателот на ССК.
Како што истакна Ѓорѓиевски, за раст на БДП е неопходно покачување на продуктивноста, спроведување на процесот на дигитализација, поддршка на претприемништвото и на иновациите, но и лесен пристап до финансиите, преку евтини кредити и сериозни грант шеми.
– Ниските камати не се доволни за поголема конкуренција и за раст и развој на малите и на средните компании. Во Европската Унија, покрај ниските камати, компаниите користат и грантови. Поради тоа, европските компании, односно нивните производи, се поконкурентни од нашите. Мора да се олесни пристапот, бидејќи малите и средните компании потешко доаѓаат до кредити – вели Ѓорѓиевски.
Тој рече дека особено важна е едукацијата на кадрите. Секој добар работодавец се приспособува на пазарот на трудот за да ги задржи младите во државата, бидејќи се покажа дека увозот на работна сила носи други проблеми. Дополни и дека е особено значајно прелевањето на вработените од јавниот во приватниот сектор, односно, како што рече, јавната администрација треба да биде резервоар за потребите на компаниите за да не увезуваме работна сила.
ССК во наредниот период ќе формира комора за енергетика и рударство, но и посебна канцеларија за реализирање што поголем број проекти.
(А. С.)












