Директорот на скопската Зоолошка градина, Зоран Попов, кој беше на чело на оваа установа речиси три години, поднел оставка, а на негово место сè уште нема поставено нов. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на последната седница за советнички прашања, информираше дека има тим што веќе прави интервјуа со неколку личности, од кои треба да се избере најсоодветната.
Поранешниот директор, сега член на Советот на Град Скопје, го праша Ѓорѓиевски дали ќе се преземе нешто да се подобри состојбата во Зоолошката градина, која последниве години и не е така розова, бидејќи, како што нагласи, 80 проценти од живеалиштата се руинирани, но и дали се планира да се зголеми центата на билетот, која, како што кажа, не е сменета од 2021 година и изнесува 80 денари.
Ѓорѓиевски смета дека цената на влезницата во Зоолошката градина не треба да се зголеми.
– Условите во Зоолошката не се подеднакво поволни за да може да се зголеми цената на билетот. Прво да ја средиме состојбата внатре, па потоа ќе се размислува за тоа – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека Град Скопје ќе работи на тоа да се донесат нови животни.
– Тоа ќе биде мачен процес, додека крајниот концепт ќе биде поврзување на Зоолошката градина со новиот лунапарк – нагласи Ѓорѓиевски.
(А. П.)












