Ѓорѓиевски ја откажа вечерашната дебата со Мециновиќ: „Вечерва одбрав да бидам со мојот народ“

65

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја откажа најавената дебата со противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ, и на неговиот Фесбук профил објасни зошто нема да гостува на ТВ Телма вечерва. Во објавата, тој вели дека вечерва во тој темин се одржува завршниот митинг на неговата кампања во Скопје, на кој ќе присуствува.

Сепак, нагласи и дека целосно ја почитува намерата и професионалноста на телевизијата која ја испратила поканата за дебата.

„Вечерва одбрав да бидам со мојот народ, на завршниот митинг во Скопје. Добро знаете, никогаш не бегам од ништо“, вели тој.

Според него, по претходната дебата меѓу него и Мециновиќ, што се одржа во вторникот на ТВ Канал 5, веќе се јасни ставовите и јасна е сликата за двајцата кандидати во трката за Скопје.

„Евидентно е ниското ниво на политичка култура, но и присутната безидејност и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била натпревар и судир на концепти, туку судир меѓу концепт за Скопје, претставуван од мене и од ВМРО-ДПМНЕ и демагогија, празна реторика и отсуство на план што се карактеристики на Амар Мециновиќ. На Скопје му требаат решенија, а не демагогија“, пишува Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Порача и дека часови по локална самоуправа ќе држи од понеделник, по победата на вториот круг.

ИЗДВОЕНИ