Се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје на која се обрати новиот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски кој на градските советници им вети дека Скопје ќе го направи град кој ќе биде пример за чистота, транспарентност, совермен урбан развој, како и град во кој граѓаните ќе се чуствуваат безбедно, гордо и рамноправно.

– Денес стоиме пред почетокот на едно ново, убаво поглавје за нашиот град.
Оваа прва конститутивна седница на Советот на Град Скопје е чин каде што испраќаме силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје. Овој Совет, избран со доверба од граѓаните, има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој. Да покаже дека кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред сè, резултатите се видливи, конкретни и трајни. Нема време за експериментирање, туку за работа веднаш – истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека Скопје е срцето на Македонија, град со историја, традиција, култура и младост.

– Нашата мисија е да ја зајакнеме оваа енергија, да го направиме Скопје место каде што младите ќе останат, каде што семејствата ќе се развиваат, а сите граѓани ќе живеат достоинствено – рече Ѓорѓиевски.

Новиот градски татко наброја неколку клучни приоритети кон кои ќе се фокусира во наредниот период.

– Да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник ја започнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72 часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден. И ова што го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може. Тоа, всушност е наша обврска, за тоа граѓаните нѐ плаќаат – потенцира Ѓоеѓиевски.

Тој нагласи дека Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати.

– Чистиот воздух, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор – рече Ѓорѓиевски.

Скопскиот градоначалник особено внимание ќе посвети на младите за кои, рече, дека се двигател на секоја заедница.

– Затоа ќе обезбедиме поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт. Градот ќе биде партнер, а не пречка за младите. Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација – истакна Ѓорѓиевски.

Во обраќањето до градските советници тој нагласи дека нивната улога е клучна за да може Скопје да се направи подобро место за живеење.

– Очекувам овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија а не на поделби.
Да покажеме дека знаеме да соработуваме кога станува збор за интересите на граѓаните. На граѓаните им должиме чесност, посветеност и конкретни резултати.
Наша обврска е да ја вратиме довербата во институциите и да покажеме дека локалната власт може да биде пример за професионалност, интегритет и ефикасност – рече Ѓорѓиевски и очекува одлуките да бидат носени со консензус .

Тој изразам огромна благодарност до жителите на Скопје за поддршката за неговата визија во која насока сакаат да се развива градот.

Фото: Петр Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ