Ѓорѓиевски ги најави и следните чекори: 60 приватни автобуси се пуштат во јавниот превоз, активирани 40 камиони за собирање на смет, ревизија во јавните претпријатија…

4153

Новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски, по примањето на уверението за избор за прв човек на македонската метропола и најавата дека вечерва ќе почне акцијата за чистење, ги најави и првите потези кои ќе ги прави почнувајќи од утре.

Во изјавата за медиумите тој рече дека еден од приоритетите ќе му биде средувањето на состојбата во јавните градски претпријатија, односно, во јавниот превоз, јавната хигиена…

– Во изминатиов период иако немав решението стапив во контакт со дел од вработените во ЈП „Комунална хигиена“ каде состојбата е алармантна и на услуга на граѓаните беа 16 камиони. Направивме напор и мислам дека вечерва околу 40 камиони ќе бидат ставени во функција. Во иста насока веќе разговараме со дел од стручните служби на ЈСП Скопје, а што не го опфаќа директорот и раководството за кои во изминатиов период видовме дека нивниот капацитет како да не постои односно, дека е деструктивен за претпријатието и за јавноста. Ќе бидат итно преземени чекори во насока на адаптирање на сите оние автобуси кои со месеци стојат неисправни. Второ, дополнително, веќе утре ќе имам состанок со сите приватни авто-превозници и околу 60-тина автобуси ќе бидат пуштени во оптек. Тоа во првиот момент ќе го нормализира транспортот за да не дозволиме, оти доаѓа зима, да студентите, средношколците и граѓаните и повозрасните лица чекаат на ред за автобусите и да ја поминуваат голгота како што беше во изминатиов период – најави Ѓорѓиевски.

Тој рече дека брзо ќе се пристапи кон ревизијата во работењето на јавните градски претпријатија.

– Ќе има и ревизија за состојбите во градските јавни претпријатија, тоа е нормално во овие процеси. Ќе следи ревизија и секој што се огрешил ќе има и одговорност, тука да нема дилеми – потенцира новиот градоначалник.

Најави и средба со своите противкандидати од изборите.

– Ќе користам и идеи на моите противкандидати, деновиве ќе ги поканам да се видиме. Имаа добри идеи и зошто тие да не се искористат, како и идеите на граѓаните. Се што и за милиметар ќе го подобри живеењрто во градот ќе биде искористено – реќе Ѓорѓиевски.

Од просторот пред влезот во Градот Скопје ќе бидат тргнати рампите.

-По примопредавањето прво ќе биде отстранување на рампите пред просториите на Градот Скопје за да Градот биде отворен за сите граѓани. Овој град не е мој, не е на неколкумниа, не е на политичка партија туку е на народот и народот и медиумите треба да имаат достапност – нагласи новиот градоначалник. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ