– Годинава, со 3Д-мапинг и со специјална визуелна опрема веќе пристигната од Португалија, ќе се потрудиме да им приредиме на посетителите едно вонвременско доживување, пред сѐ од музички аспект, а потоа и од визуелен. Диригентот, солистот на пијано Клер Хуангчи и македонската Филхармонија ќе настапат во синергија со импресивните креации на визуелниот артист – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Цуцковски, директор на најголемата културна манифестација во државата, кој откри дека ѕвездата на вечерта, Хуангчи, подготвува македонско дело за отворањето на „Охридско лето“
Само неколку денови пред отворањето на „Охридско лето“, кое годинава се одржува по 65. јубилеен пат, организаторите посочуваат дека сѐ е подготвено за најголемата меѓународна културна манифестација во државата. По тој повод, разговаравме со директорот Ѓорѓи Цуцковски, кој за весникот ВЕЧЕР открива и детали од подготовките и од програмата во која ќе учествуваат едни од најеминентните имиња на денешницата.
Само неколку дена нè делат од почетокот на големиот и спектакуларен настан „Охридско лето“. До каде се подготовките и дали годинава ќе има некакви новини во однос на организацијата и на подобрата презентација на настаните?
Со оглед дека програмата за фестивалот ја презентиравме во април и беше поставена на веб- страницата, нашата идеја беше фестивалот да добие максимална навремена видливост. Првпат ги следиме модерните текови на рекламата и заедно со „Идеа плус“ развивме стратегија за нејзина реализација. Организацијата е во рацете на вештиот тим вработени на „Охридско лето“, кој беспрекорно работи на нејзината реализација, секако потпомогнат со креативни луѓе, уметници, водители и организатори, мои, а сега и наши долгогодишни пријатели.
Годинава прославувате голем јубилеј – 65 години постоење. Свеченото отворање ќе се одржи, традиционално, на 12 јули, со настанот насловен „Трансформација на сетилата“, со светски познатата пијанистка Клер Хуангчи од Америка. Каква трансформација на сетилата може да очекува публиката и што ќе го издвои ова издание од сите досегашни?
Уметноста, освен аудио, е и визуелна. Годинава, со 3Д- мапинг и со специјална визуелна опрема веќе пристигната од Португалија, ќе се потрудиме да им приредиме на посетителите едно вонвременско доживување, пред сѐ од музички аспект, а потоа и од визуелен. Диригентот, солистот на пијано и македонската Филхармонија ќе настапат во синергија со импресивните креации на визуелниот артист, оттаму е „Трансформација на сетилата“.
Клер Хуангчи е звучно име на светската музичка мапа. Големите музички критичари им се поклонуваат на нејзините незапирлива љубопитност и склоност кон необичен репертоар со широк спектарм кој се протега од Бах и Скарлати, преку германскиот и рускиот романтизам, до Бернштајн, Ејми Бич и Барбер. Дали ова е прва средба на Хуангчи со Охрид и Македонија и каква беше нејзината реакција на поканата да настапи на отворањето на „Охридско лето“?
Клер и диригентот од Соединетите Американски Држави првпат доаѓаат во Македонија и се воодушевени од сето она што можеа да го прочитаат за нашето културно наследство, фестивалот, како и убавините на нашата земја воопшто. Ексклузивно можам да откријам дека Клер во моментов работи на македонско дело во нерамномерен ритам, за самото отворање. Мислам дека тоа доволно зборува колкава е возбудата на уметниците да настапат на овој светски реномиран фестивал и во нашата прекрасна земја.
Може ли да ни откриете некоја пикантерија од тоа како течеа преговорите?
Преговорите секогаш се лесни кога имате целокупно екстремно квалитетна програма за целиот фестивал. Иако сум нов директор на установата, имам претходно искуство како нејзин музички селектор, што ми беше од исклучителна помош како претходно искуство. Тука морам да ги споменам и селекторите Симона Ѓорчева и Ненад Витанов, со кои заеднички успеавме да дојдеме до една програма со која можеме да се гордееме.
Се работи за ѕвезда од светски калибар, па неизбежно е прашањето дали имаше посебни барања околу настапот и престојот во Охрид. Дали ќе настапи со свој инструмент или имавте обврска да обезбедите пијано?
Големите ѕвезди од светот на класичната музика често се исклучително скромни луѓе. Клер ќе настапи на нашето пијано „стенвеј“, чувано во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Дали имаше посебни барања околу сместувањето, исхраната, настапот – стилист, шминка…
Никакви, но ние сме подготвени да одговориме на сите пристојни барања. Моја примарна цел, пред сѐ како уметник, е да им овозможиме на уметниците да се чувствуваат пријатно и почитувано, затоа што само во тој случај ќе го дадат својот интерпретациски максимум.
Со оглед дека за ова издание беше најавен „крем де ла крем“ на светската музичка елита во Охрид, кои други концертни настапи може да се наречат „досега невидени“ на „Охридско лето“?
Најголемиот светски пијанист, Михаил Плетњов, со пијано рецитал, Вадим Глузман и Џек Либек како врвни виолинисти, еден од најистакнатите виолончелисти на денешницата – Даниел Милер-Шот. Потоа гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Амстердам, Холандија, „Симфоника ди Болоња“ од Италија, „Загрепските солисти“… како и познатиот Феми Кути со Националниот џез-оркестар, Дамјан Пејчиновски. Ова е само мал дел од целокупната програма достапна на веб-сајтот на „Охридско лето“.
Во драмската програма беше најавен мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери. Кои познати светски имиња ќе бидат дел од оваа програма и кои премиери ќе ја обележат магијата на театарската сцена во рамките на „Охридско лето“?
Премиерата на асоцијацијата „Рута“ и премиерата за затворање во копродукција со Националниот театар од Сеул, Кореја, во режија на маестралниот Дејан Пројковски, сигурен сум дека ќе остават силен печат на годинашното издание.
За роденденот на „Охридско лето“, најавен е и мегаспектаклот „Кармина Бурана“. Кои звучни имиња ќе бидат дел од овој настан?
Првпат по основањето на фестивалот со настапот на македонската оперска пејачка Ана Липша-Тофовиќ, „Охридско лето“ им се враќа на корените и ќе го прослави роденденот со концерт на најафирмираната македонска пејачка во светски размери, Ана Дурловски. Сигурен сум дека нејзиниот бисерен глас ќе ја возобнови историјата, ќе нè импресионира во сегашноста, но и ќе нè потсети на иднината и на нашата задача да ги чуваме и негуваме трајните вредности.
За крај, неизбежно прашање е како се снаоѓате на чело на институцијата? Се чувствувате ли удобно како на оперската сцена или ова е една малку поинаква функција? Колку Ви помага или одмага Вашата професија во раководењето, вежбате ли и понатаму или ги замрзнавте оперските арии на одредено време?
Секако дека вежбам и настапувам паралелно. Пеењето е моја пасија, моја прва и најголема љубов. Тоа е нераскинлив дел од мене и засекогаш ќе остане така.
Да се биде менаџер на „Охридско лето“ е чест, но и одговорност, но мене работата ме исполнува. Идејата дека може да се придонесе за својата земја е мој личен главен двигател. Благодарен сум им на сите вработени на фестивалот, кои се секогаш тука за мене.
Даниела ТРАЈКОВСКА