Летната сезона е на прагот, а на скопјани не им останува голем избор за тоа каде ќе избегаат од жештините, бидејќи засега не функционираат ниту базенот ниту Аквапаркот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“, а оставено во заборав е и езерото Треска. Остануваат олимпискиот базен „Центар“, базенот Аеродром и приватните на периферијата од градот

 

Летната сезона е на прагот, а на скопјани не им останува голем избор за тоа каде ќе избегаат од жештините, бидејќи засега не функционираат ниту базенот ниту Аквапаркот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“, а оставено во заборав е и езерото Треска.

Единствена можност за разладување е олимпискиот базен „Центар“, кој ќе ја отвори летната тераса за љубителите на капењето на 11 јуни. Управителот на базенот, Мартин Маневски, информираше дека поради поголемата посетеност од клубовите и претстојното државно првенство, како и Европската младинска олимпијада, која оваа година ќе се одржи во Скопје, за рекреативците, во јуни, од понеделник до сабота, базенот ќе биде достапен од 7:00 до 15:00 часот – дневна и утринска рекреација, додека од 20:30 до 23:00 часот е ноќното пливање.

– Клубовите и школите за пливање ќе ги одржуваат своите тренинзи од 7:00 до 10:00 наутро и од 15:00 до 20:30 часот. Во јули, можни се промени и продолжување на рекреативниот дневен термин, меѓутоа ќе имаме информации за сè на билетарницата на базенот и на нашиот веб- сајт www.olimpiskibazen.com.mk – истакна Маневски.

Тој додаде дека за посетителите во дневниот термин ќе работи и терасата со бесплатни лежалки и чадори, како и шанк на кој посетителите ќе може да си купат вода, сок, грицки и слично.

– Цената на влезницата за дневна рекреација е 500 денари, додека за ноќна рекреација е 600 денари за целиот дневен или ноќен термин, а за посетителите што сакаат да доаѓаат почесто, имаме месечни припејд карти со многу поволна цена – вели Маневски.

Според  него, водата во овој базен се филтрира 24/7, хлорирањето оди електронски, редовно се прави дотур на свежа вода, а подовите на базените се чистат со специјализирани подводни роботи, односно прават сè за, како што нагласува, посетителите да имаат одлично искуство од престојот.

– Олимпскиот базен „Центар” е, веројатно, единствениот базен во кој на седмично ниво се прави контрола за физичката, хемиската и бактериолошка исправност, од страна на Центарот за јавно здравје Скопје – тврди Маневски.

Од спортскиот центар „Борис  Трајковски“ велат дека нивниот базен не работи од 22 април годинава, поради ситни одронувања на терцијарната структура на покривот, односно делот на внатрешната фасада.

– По извршениот увид, започната е процедура со која ќе се изврши санирање на штетата на покривната конструкција и базенот нема да работи сè додека не бидат санирани оштетувањата на покривот во целост, односно додека не се извршат потребните технички работи – соопштија од управата на СЦ „Борис Трајковски“.

Исто така, засега не е во функција ниту Аквапаркот, кој, за жал, беше затворен и минатата летна сезона.

– Аквапаркот не е во употреба поради истечените гаранции на дел од реквизитите во него, како и поради ненавремената конзервација на реквизитите и пумпите, кои се од витално значење за негово непречено функционирање. Во моментот, интензивно работиме на изнаоѓање решение за повторно отворање на Аквапаркот, независно дали со него ќе раководи СЦ „Борис Трајковски“ или ќе биде понудено друго, соодветно решение – информираа од спортскиот центар.

И езерото „Треска“ со години не може да се користи за капење и пропаѓа. Ниту Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ниту Општината Сарај не успеаја да го заживеат овој спротско-рекреативен комплекс досега и да го стават во служба на граѓаните, со што воедно би се привлекле и туристи и посетители од другите градови, не само од Скопје. Одговорноста за состојбата на овој комплекс тие си ја префрлаат едни на други. Претходно, тоа не успеаја да го сторат ниту скопските градоначалници.

На периферијата од градот има неколку приватни базени, но се со ограничен капацитет.

Во моментов се врши генерално чистење на фонтаната на споменикот „Воин на коњ“ на Градскиот плоштад, а со оглед на ограничената понуда на капацитетите за разладување, таа изминативе години беше одлична можност за капење во замена за базен, па, можеби, така ќе биде и годинава.

(А. П.)    

 

ИЗДВОЕНИ