Македонскиот композитор, аранжер и пијанист Гордан Спасовски, кој е и член на Националниот џез-оркестар, ја освои првата награда на престижниот меѓународен натпревар за биг-бенд композиција, кој се одржа во градот Зволе, во Холандија. Организатор е Милениум џез-оркестарот од Холандија, а на овој реномиран натпревар тој победи со композицијата „Lioness“.

Успехот на Спасовски е дотолку поголем поради силната конкуренција на музичари од повеќе земји од целиот свет, како Јапонија, САД, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Германија, Финска, Швајцарија…

Во образложението на наградата која е парична (3.000 евра), стои дека композицијата е со „изненадувачки фолк/класичен вовед, силна целокупна драматургија до самиот крај и импресивна кулминација“.

Милениум џез-оркестарот од Холандија претходно ги изведе трите композиции кои влегоа во најтесен избор, а покрај композицијата на Спасовски, беа претставени и делата на Бернард ван Росум (1980) и Крис Крис Мулер (1998), и двајцата од Холандија.

Инаку, Гордан Спасовски лани ја доби традиционалната награда за Најдобар македонски џез-музичар за претходната година, што ја доделува Скопскиот џез-фестивал.

– Како член на Здружението на џез-музичари (ЗЏМ), од чиј биг-бенд подоцна се разви Националниот џез-оркестар, Спасовски е меѓу музичарите што ги обликуваат нашиот звук и визија, посочија тогаш од оркестарот.

Спасовски дипломирал во класата на проф. Олаф Полцин при „Факултетот за музика и сценски уметности – Грац, Австрија”, и е магистер по музичка интерпретација и композиција во класата на проф. Сава Милетиќ (гостин професор од „Факултетот за музичка уметност – Белград“) при „Факултетот за музичка уметност – Скопје”. Низ својот образовен процес во Македонија и во Австрија, Гордан има студирано и учествувано во работилници кај истакнати музички имиња како Илија Пејовски, Владимир Николов, Ed Neumeister, Michel Abene, Jim McNeely, Carla Bley, Steve Swallow, Bob Mintzer, Arturo O’Farrill, Randy Brecker, Ari Hoenig, Luke Gillespie итн.

Низ својата кариера бележи бројни настапи на реномираните европски музички фестивали, како: „Белград џез-фестивал“, „Trieste Loves Jazz“ – Интернационален џез-фестивал, „Брашов џез-фестивал“, „Скопје џез-фестивал“, „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, како и на голем број концерти во некои од најпрестижните европски џез-клубови.

Активно настапува со македонскиот Национален џез-оркестар, своето трио, џез-секстетот Bopheads, џез-вокалот Џон Илија Апелгрен, македонската поп-пејачка Калиопи итн.

Автор е на бројни џез-композиции изведени од: Гордан Спасовски Трио, Bopheads, Националниот џез-оркестар на Македонија, BYJO, Џон Илија Апелгрен, Марија Димитријевиќ, Groovy Loons итн. Во повеќе проекти се јавува во улога на аранжер.

Ова признание е потврда за квалитетот и за меѓународниот потенцијал на македонската џез-сцена.

ИЗДВОЕНИ