Ѓорче Петров со признание за лидерство во енергетската транзиција

19

Општина Ѓорче Петров доби ново признание. Таа е прва општина во Република Македонија која е официјално акредитирана како дел од европската иницијатива LIFE LOOP – престижна програма на Европската Унија што поддржува енергетска транзиција, одржлив локален развој и создавање енергетски заедници.

– Со ова признание, Ѓорче Петров се вбројува меѓу иновативните европски општини кои активно промовираат нови решенија за чиста енергија и ја поттикнуваат соработката меѓу граѓаните, институциите и приватниот сектор во насока на зелена и енергетски одржлива иднина. Воедно, со тоа, уште еднаш ја потврдува својата улога како водечка општина во процесот на енергетска и еколошка трансформација во Македонија, поставувајќи високи стандарди на локално ниво и отворајќи нови перспективи за одржлива иднина – соопштија од Општината.

Оттаму додаваат дека добивањето на официјалниот сертификат за поддршка и за развој на енергетски заедници претставува значаен успех на општината на патот кон остварување на визијата за почиста енергија, повисока транспарентност, поголемо учество на граѓаните и заеднички енергетски решенија.

– Ова признание е резултат на нашата визија за зелена, ефикасна и         одговорна општина, која се грижи за своите граѓани и ја гради иднината на темели на одржлив развој. Ѓорче Петров уште еднаш го потврдува својот статус како пример за модерно, енергетски свесно и европски ориентирано локално управување – изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Тој најави дека  следниот чекор е изработка на локална стратегија за развој на енергетски  заедници, што ќе овозможи нови инвестиции во обновливи извори на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и зголемување на квалитетот на живот за сите жители.

Од Општина Ѓорче Петров појаснуваат  дека проектот LIFE LOOP се фокусира на развој на локални енергетски заедници преку кои граѓаните директно учествуваат во процесите на производство, потрошувачка и управување со обновливи извори на енергија.

– Овој модел, кој веќе успешно се применува во неколку земји од Европската унија, создава нова култура на енергетска солидарност и заедничка одговорност. Општината преку своите стратешки планови и досегашни инвестиции во одржлива инфраструктура, покажува континуирана посветеност кон  енергетската ефикасност, заштитата на животната средина и  имплементацијата на европски стандарди во локалното управување – велат од локалната  самоуправа.

ИЗДВОЕНИ