Кружниот тек ќе се гради на една од најкритичните точки во Скопје, крстосницата меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“. Град Скопје веќе распиша јавна набавка, а целта, како што наведуваат оттаму, е подобрување на безбедноста и на проточноста на сообраќајот. Ова е еден од проектите што се во програмата на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски

Ќе се гради кружен тек на една од најкритичните точки во Скопје, крстосницата меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“.

Град Скопје веќе распиша јавна набавка, а целта, како што наведуваат оттаму, е подобрување на безбедноста и на проточноста на сообраќајот. Ова е еден од проектите што се во програмата на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Носителот на набавката е должен да го изведе кружниот тек во рок од 12 месеци по доставениот писмен налог за воведување во работа од страна на Град Скопје.

Сите заинтересирани економски оператори треба да ги достават понудите најдоцна до 15.12.2025 година во 10:00 часот, кога ќе се спроведе нивно јавно отворање.

– Ѓорче Петров добива модерен кружен тек и започнуваме со вистински промени. Со тоа обезбедуваме повеќе безбедност, помалку метеж и побрзо движење – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека овој проект е дел од визијата за Град Скопје – нула несреќи, со која до 2030 година ќе бидат редизајнирани 50 опасни крстосници и улици по европски стандарди, за, како што нагласи Ѓорѓиевски, Скопје да стане град во кој сите учесници во сообраќајот се движат сигурно и без страв.

Скопскиот градоначалник најави дека во Ѓорче Петров ќе следуваат и други крупни зафати, како што се: ново поврзување на улицата „Лука Геров“, реконструкција на улицата „101“ во Волково, проектирање на улицата „Веле Марков“ како нова сообраќајна артерија и изградба на улицата „Шарпланинска“ со модерна инфраструктура и со зеленило.

– Овие инвестиции значат подобра мобилност, побезбедни улици и повисок квалитет на живот за целиот западен дел на градот – заклучи Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ