Горат познати белградски кафулиња и ресторани, гостите панично бегаат – рекет, нерасчистени сметки или пресметка на криминални банди?

3820

Во Савски Венец и Чукарица, бомби оштетија фасади, покриви и стакло, додека во Стари Град и Врачар беа употребени молотови коктели. Мажи облечени во црно, со капа и со маска, доаѓаат во објектот во глува доба, го кршат прозорецот и фрлаат шишиња со запалива течност. Во барот избувнува пожар, кој брзо се шири, додека мажите бегаат, обично на мотоцикли. Нема повредени, но насекаде е предизвикана значителна материјална штета. Серијата напади врз познати белградски кафулиња продолжува, а последниот се случил околу 4 часот изутрината ноќта меѓу неделата и понеделникот, кога бил фрлен молотов коктел врз кафуле, при што била оштетена зградата

 

Седењето во познатите белградски ресторани и кафулиња станува опасно. Последниве месеци се случија серија напади со експлозивни направи на угостителски објекти, најчесто ноќе, кога нема гости, но, според српските медиуми, има такви инциденти и кога се полни со гости, кои, преплашени, панично бегаат.

Во Савски Венец и Чукарица, бомби оштетија фасади, покриви и стакло, додека во Стари Град и Врачар беа употребени молотови коктели. Мажи облечени во црно, со капа и со маска, доаѓаат во објектот во глува доба, го кршат прозорецот и фрлаат шишиња со запалива течност. Во барот избувнува пожар, кој брзо се шири, додека мажите бегаат, обично на мотоцикли. Нема повредени, но насекаде е предизвикана значителна материјална штета, пишува „Блиц“.

„Информер“, пак, објави дека првиот пожар што создал страв кај граѓаните се случил пролетва, во познатиот белградски ресторан „Старо Ужице“. На 29 април, рано изутрината околу 2:30 часот, непознато лице фрлило запалива течност низ прозорецот. Келнерот интервенирал и вдишал чад, поради што бил однесен во болница, но немал сериозни повреди. Само еден ден подоцна, била фрлена рачна граната во ресторан во Стари град, од што напукнале прозорците, но немало повредени зашто ресторанот не работел тогаш. Потоа следувале напади на ресторани во Врачар, каде што биле фрлени запалени факли. Еден од сопствениците добил изгореници, додека еден од напаѓачите, 19-годишно момче, бил уапсен. Серијата напади врз познати белградски кафулиња продолжува, а последниот се случил околу 4 часот изутрината ноќта меѓу неделата и понеделникот, кога бил фрлен молотов коктел врз кафуле, при што била оштетена зградата.

Експертите што ги консултира „Блиц“ велат дека на овој начин напаѓачот испраќа одредена порака, а мотивите може да бидат различни.

– Дали станува збор за, кажано под наводници, прегрупирање на некои сили што сакаат да заземат нечиј пазар, дали станува збор за превласт во областа на безбедноста, или за превласт во областа на бизнисот или, пак, жаргонски, за рекетирање на сопствениците на тие објекти за, на некој начин, одредена криминална група или поединец да има поголемо влијание и така да добие пари? – вели за „Блиц ТВ“ Дејан Раденковиќ, поранешен помошник-началник на Управата за криминалистичка полиција.

Тој објаснува дека сторителите често се малолетници, кои „не се свесни што прават“.

– Тие се ангажирани за многу малку пари од некој што, всушност, има интерес. Молотовите коктели се многу лесни за правење и се многу практични и не може да предизвикаат голема штета дури и ако се ракува неправилно со нив, бидејќи се бензин и обична ткаенина што е лесно запалива. Затоа, всушност, и се користат деца, кои честопати се дури и кривично неодговорни – вели Раденковиќ.

Но, нападите не се случуваат само ноќе, кога се празни угостителските објекти. Пред три недели, гостите во кафетерија во централната улица во Врачар бегале во паника кога млади мажи со запалени факли влегле во објектот и го повредиле сопственикот. Бранка Гајиќ, портпаролка на Првото основно јавно обвинителство во Белград, изјави за „Блиц ТВ“ дека, во врска со палењето на тој бар, две лица се во притвор, додека еден осомничен е во бегство.

Како што пишува „Информер“, се претпоставува дека најчеста причина за нападите се нерасчистени сметки, пресметки меѓу криминални фракции или тие се дел од борбата за превласт.

– Сепак, со оглед на начинот на нападот, односно употребата на факли, бомби и молотови коктели, не може да се исклучат ниту навивачките мотиви – објави „Информер“.

ИЗДВОЕНИ