Горанчо Котевски носител, на советничката листа на ЗНАМ за Град Скопје уште и Билјана Андреска-Богданоска, Горан Ајдински…

79

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес конференција ги соопшти носителите на советничките листи за претстојните локални избори во скопските општини и во градот Скопје. Портпаролот на Движењето, Никола Мемов рече дека ЗНАМ ја претвора довербата на народот во силни советнички листи, како и во конкретни програми, проекти и одлуки што носат вистинска промена.

-Зад нас се месеци исполнети со посветена работа на терен, во кои преку двете кампањи низ целата држава илјадници граѓани ни ја доверија војата визија за подобар живот во своите општини – рече тој.

Мемов додаде дека на последната седница на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија била усвоена одлука на претстојните избори да настапате со свои советнички листи во 53 општини, плус Градот Скопје.

-Оваа бројка е гласот на народот. Оваа бројка е доказ дека Движењето ЗНАМ е најбрзо  растечкото движење во Македонија. Секој град, секоја општина, секое маало што ќе добие наша советничка листа е симбол на довербата која ја градиме со луѓето. Нашата визија за чесна, праведна и посветена политика ја обедини енергијата на граѓаните од цела Македонија. Во редовите на ЗНАМ за кандидати за членови на совет се приклучија доктори, професори, инженери, спортисти, угледни луѓе од сите области – нагласи Мемов.

Тој ги соопшти носителите на советничките листи во скопските општини:

-за носител на листата во Аеродром, предложен е Љупчо Марковски Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија и член на златната шампионска генерација на Вардар

-за носител во Центар е предложен м-р Крумислав Мишко Барзов магистер по спортски менаџмент, член на европскотo жири за автомобил на годината и еден од најистакнатите автомобилски ентузијасти во државата

-за носител во Карпош е предложен проф д-р Јасмин Циривири, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“  во Штип, врвен хирург ортопед во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје;

– за носител во Бутел е предложен Ѓорги Станко Чековски, член на кошаркарската репрезентација на Македонија и дел од тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;

-за носител во Гази Баба е предложен Зоран Доневски, пензиониран началник во полицијата, дипломиран економист, почитуван и познат помеѓу граѓаните на Гази Баба како чесен и професионален во неговата кариера;

– за носител во Ѓорче Петров предложен е Тони Симиќ, легендарен центар на кошаркарската репрезентација на Македонија и омилен играч на тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;

-за носител во Кисела Вода предложен е Сашо Петровски, дипломиран економист, истакнат приватен стопанственик;

-за носител во Чаир предложен е Николче Наумов, дипломиран правник, докажан експерт од областа на кривичното право,  истакнат адвокат кој ќе биде коректор на одлуките и гарант на законитоста во работењето на Општина Чаир – соопшти Мемов.

Тој нагласи дека ова се луѓе со интегритет, со знаење и со чиста и искрена намера да работат за нивните соседи, за нивните заедници, за наша Македонија.

-Тие се нашата најголема гаранција дека ветувањата ќе станат дела, дека ќе изградиме поуредени општини, поурбанизирани места за живеење, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите.

Извршниот одбор донесе одлука за поддршка на натпартискиот кандидат за градоначалник на Општина Кочани – д-р Влатко Грозданов“, рече Мемов и додаде дека со оваа одлука јасно покажуваат дека нивната борба не е за партиски интереси, туку за визија, одговорност и напредок.

-Во градот Скопје ќе настапиме со силна листа, предводена од Генерал Горанчо Котески, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ. Човек кој целиот свој живот го посвети на одбраната и безбедноста на државата, човек кој ја носеше униформата со чест и достоинство. Денес, тој ја носи визијата за развој на нашиот главен град – срцето на Македонија, градот кој ги собира сите бои, култури и генерации – нагласи тој.

Мемов додаде дека на градската листа ќе се препознаат луѓе кои секојдневно вложуваат во развојот на главниот град, луѓе со кредибилитет, искуство и искрена љубов кон Скопје.

-Покрај генералот Горанчо Котески на предложената градска листа се уште:

– Проф. д-р Билјана Андреска Богданоска, доктор на економски науки, актуелен Ректор на Европски универзитет – Скопје; проф д-р Горан Ајдински,  редовен професор на Филозофскиот факултет на УКИМ, декан на Факултетот  во два мандати -Мире Јанев, скопска урбана легенда,  сопственик на култниот локал „Плеј кафе“ на улица „Македонија“,  познат како Миро Плеј; Ова се луѓе кои го чувствуваат пулсот на градот, кои ја знаат секоја негова мака, секоја негова надеж и кои се подготвени да го вратат Скопје на граѓаните – чисто, современо и достоинствено. Дополнително, на последните места од градската листа ќе препознаете актуелни носители на јавни функции од Движењето ЗНАМ,  луѓе кои немаат ниту една дамка во своето работење и покажуваат како треба да се раководат институциите во Македонија, луѓе кои со особена чест ја прифатија одговорноста да бидат дел од оваа листа.

На листата се предложени и :

– д-р Лилјана Којиќ, директор на Здравствен дом „Железара“

– Виктор Јовановски, Член на УО и директор на секторот за комерција во ЕСМ; -д-р Злате Мехмедовиќ,  директор на Универзитетската Клиника за физикална медицина и рехабилитација;

– Марин Докузовски,  истакнат спортски работник, селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија и тренер на „Работнички“;

– Игор Трајановски,  доктор на општествени науки, Генерален директор на АД „Аеродроми на Македонија – рече Мемов додавајќи дека тоа е најсилниот доказ за  суштината и пристапот на ЗНАМ во политиката.

Според него, со овие луѓе, со оваа енергија и со оваа визија во ЗНАМ се сигурни  дека ќе ја донесат промената што граѓаните низ целата држава ја заслужуваат.

ИЗДВОЕНИ