Градот е една дезориентирана жртва на долготрајна негрижа и неодговорност. По четири градоначалнички години Скопје го гледам поместено од сегашниов слеп и запустен колосек, на еден сосема нов, развоен. Прашањето на јавниот превоз треба да се решава во две брзини – првата со итна набавка на еколошки автобуси, втората со подобрување на постојната сообраќајна инфраструктура. Она што треба да ни биде наполно јасно е тоа дека без рана селекција на отпадот (во домот) не може да се зборува за подобрување на состојбата, нагласува кандидатот Марковски. |
Актуелниот декан на Градежниот факултет во Скопје, инженер по професија, Горан Марковски, по првпат сериозно влегува во политичките битки како независен кандидат поддржан од платформата „Независни заедно“. Но, со искуство во справувањето на дел од бројните проблеми кои со години се појавуваат, а во што беше вклучен како експерт. Тоа, сигурно, ќе биде основа врз која ќе ја бара довербата на своите сограѓани.
Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?
– Својата промоција како независен кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од платформата Независни заедно, ја започнав со зборовите: „Скопје се гуши. Тоне во смет. Скопје се суши”. Мислам дека покус и попрецизен опис на денешно Скопје не може да се даде. Градот се гуши во воздух загаден од депониите, сообраќајот, индустријата, домаќинствата, градежните активности. Градот е послан со разновидно ѓубре, а летниве горештини покажаа дека веќе не е имун ни на недостиг на вода. Градот е една дезориентирана жртва на долготрајна негрижа и неодговорност. По четири градоначалнички години Скопје го гледам поместено од сегашниов слеп и запустен колосек, на еден сосема нов, развоен. Со точно дефинирана цел, ред и брзина на движење. Неговите сопатници веќе немаат трпение на разгласот на популизмот да слушаат манипулативни оправдувања за доцнење на поместувањето од мртвата точка, ниту лажни ветувања за негово брзо пристигнување на посакуваната дестинација.
Феноменот блокада од Советот на Градот е можеби највпечатливата асоцијација за функционирањето на Скопје во изминатиов период. Траума која длабоко, аксиомски се всади во свеста на многумина. Но ако се обидеме подлабоко да проникнеме во суштината на проблемот, ќе согледаме дека до неа дојде и во услови кога градоначалничката беше избрана со поддршка од мнозинството во советот. Тоа упатува на заклучок дека блокада секогаш е можна. Дури и во случај градоначалникот да биде избран директно од советот. Блокади нема да има единствено ако кај одговорните постои одговорност и искрена желба за подобрување на животот на скопјани. Ако наместо уривање на постојните, се градат нови и нови мостови на соработка. Бидете уверени дека доколку бидам избран за градоначалник, блокади нема да има.
Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако на него се гледа во поширока смисла и како систем за превоз и ако извор на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?
– Живеам близу до работното место и обично се движам или пеш или кога условите го дозволуваат тоа, користам велосипед. И уживам во тоа. Одамна не сум имал потреба да влезам во градски автобус, што не значи дека не сум запознат со актуелните проблеми на јавниот превоз. Прво сакам да нагласам дека, колку што ми е мене познато, не постои град во светот каде јавниот превоз не работи со загуба. Но, истовремено, неспорно е дека се работи за исклучително битна услуга за граѓаните која мора добро да функционира.
Ова серозно прашање за скопјани треба да се решава во две брзини. Првата подразбира краткорочни (брзи) мерки и резултати. Тоа значи итна набавка на еколошки (електрични) автобуси со различна големина и тоа на оперативен лизинг. Градот да изгради и опремени локации за полнење на нивните батерии, се разбира, по бенефицирана цена. Да се изврши стручна сеопфатна анализа на линиите со цел да се рационализираат и да се подобри нивната операбилност. Покрај примарните, да се воведат и секундарни автобуски линии, сите со предвидлив возен ред. Да се инсталираат дигитални информативни табли како и апликации за мобилните телефони кои ке овозможат следење на возниот ред. Да се стимулира порамномерна оптовареност на линиите во текот на денот преку воведување на различна цена на билетите итн. Втората брзина подразбира подобрување и осовременување на постојната сообраќајна инфраструктура согласно со современите и проектираните потреби на градот. Тоа ќе биде подолготраен и покомплексен двонасочен процес кој ќе додаде нови вредности во квалитетот на јавниот превоз на подолг период.
Скопје со години е на светската мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?
– Прво прецизен мониторинг и точна квалитативна и квантитативна детекција на загадувачите. Тие во Скопје можат да бидат поделени во четири групи: сообраќај, индустрија, домаќинства, депонии. Квалитетниот еколошки јавен сообраќај (електрични автобуси и такси возила), велосипедите, но и други, можеби на прв поглед непопуларни мерки, треба да ја дестимулираат масовната употреба на патничките моторни возила што е еден од предусловите за почист воздух. Лек за индустриското загадување се филтрите на фабричките оџаци и тука не гледам место за никаков компромис. Можеби најтешки и најчуствителни за решавање се индивидуалните домаќинства. Таму мора да има посеопфатен пристап бидејќи најчесто се работи за социјално ранлива категорија граѓани. Трајно решение е проширување на топловодната градска мрежа, се разбира со потребните субвенции од страна на градот, општините, државата и компанијата која ќе раководи со греењето. Колку и да изгледа компликувано, да не заборавиме дека влогот е здравјето на скопјани. Со оглед на алармантното загадување и потребата од брза реакција, итно треба да се пристапи и на организирано поставување и одржување на филтри на оџаците на индивидуалните објекти. Сето ова мора да биде пропратено со постојана едукативна и информативна кампања за штетните последици од загадениот воздух.
Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата Вардариште кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?
– Брз и ефикасен лек за хронични проблеми создавани и нетретирани со години и децении не постои. Популистичките ветувања за чудотворни надрирешенија само го зајакнуваат чувството на изиграност и беспомошност кај граѓаните. Затоа мора да се излезе со стручно издржани и трајни мерки. Колку и тие да се скапи и болни. Очигледно е дека досегашниот пристап не даде трајни резултати. Дивите депонии треба итно и стручно да се елиминираат, односно наталожениот смет да се селектира, а исчистените локации перманентно да се надгледуваат од страна на надлежните. Физички и со помош на најсовремени технички средства. Казнената политика (која не е во ингеренции на градот) треба да биде бескомпромисна бидејќи се работи за животот на граѓаните. „Вардариште“ навистина заслужува да се поистоветува со темните дамки од историјата. Ова буниште кое ниту е третирано ниту одржувано како што треба, уште и дополнително обиколено со нови објекти, паркови, детски и друг вид игралишта, сега го возвраќа ударот на импровизацијата, јавашлукот, негрижата, неодговорноста, незнаењето… Вистински лек за оваа депонија е стручно прочистување на отпадот со негово селектирање. Процес кој изискува доста средства, но кој, ако се земе предвид дека со таквиот пристап ќе се добие нова голема и атрактивна урбана површина, може да биде и финансиски одржлив.
Што се однесува до „Дрисла“, мислам дека оваа депонија веќе си го одживува своето. Делумно поради застароста, но делумно и поради отстапување од пропишаните процедури на третман на отпадот. Сметам дека решението треба да се бара во нова, современа депонија, налик на онаа во Љубљана на пример, која би се изградила на истата локација.
Како гледате на урбанистичкиот хаос во Градот? Во следниот мандат треба да се донесе новиот ГУП, со кои принципи и визии сметате дека треба да се води ГУП? На кои приципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?
– Урбанизмот, оној вистинскиот, исчезна под налетот на алчноста за профит, великодушно потпомогната од коруптивноста на оние што требаше да го бранат јавниот интерес. На граѓаните им остана само хаосот, кој веќе започна да го детерминира целокупното живеење на градот. Тешко е, скоро невозможно, да постои среден сегмент од животот во урбанистички хаотичен град. Град со задоцнет, неусвоен и веќе бајат ГУП, град без регионален план, град со сомнително шпекулативни ДУП-ови чиј квалитет единствено се вреднува со количината на метри квадратни станбен простор за продажба. И сето ова во Скопје, градот за чија обнова беше ангажиран целиот свет. Поразително! Не знам дали постојат тајни формули за решавање на ова прашање, но знам дека прво што треба да се направи за стопирање на оваа деструктивна градежна еуфорија е забраната за изработка на нарачани инвеститорски ДУП-ови. За понатаму, односно, за развој на градот и барем делумно поправање на стореното урбанистичко злодело е потребна стручна визија за неговиот развој. Таа мора да биде методолошки поткрепена, добро усогласена со потребите на граѓаните и секако нејзината изработка да биде доверена на стручни лица. Инаку, ни нема спас. Скопје нема да има уште многу шанси.
Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба и како да се смени концептот на градските јавни претпријатија?
– Убеден сум дека во јавните претпријатија сè уште има стручни лица кои си ја знаат работата. На сите други ќе им биде понудена шанса за активно вклучување во новиот процес на управување со сметот. Верувам дека тоа нема да биде одбиено. Она што треба да ни биде наполно јасно е тоа дека без рана селекција на отпадот (во домот) не може да се зборува за подобрување на состојбата. Тоа го потврдуваат сите современите искуства на развиените градови. Колку селекцијата се поместува кон главната депонија, толку процесот станува поскап, покомпликуван и понерентабилен. Мораме да бидеме упорни и истрајни до постигнување на целта. Ако можеле другите, можеме и ние.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни (кучиња, мачки…) оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?
– Ќе се обидам да бидам концизен во одговорот и само декларативно ќе ги наведам неопходните активности кои треба да се спроведат за Скопје повеќе да не биде познато како град на бездомни кучиња: Дистинкција на одгледувачи и чуватели на домашни миленици; одгледувачите мора да имаат сериозен надзор од страна на АХВ; чувателите мораат да ги стерилизираат домашните миленици (вклучително и оние во приградските населби); oпштините да направат евиденција / регистер на домашни миленици; во соработка со АХВ опасните кучиња да се заловуваат и врз основа на строг тест за социјализација да се одлучи дали ќе мора да бидат еутанизирани или ќе може да се вратат назад.
Младите сè почесто се отселуваат и од Скопје. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот? На кој начин треба да се организира забавниот живот во градот?
– Да, со ваков град, само светот им останува како можност. Затоа ни треба ум во глава. Градот веќе не може вака. Се распаѓа како напуштена куќа. Младите се згрозени од неговиот трулеж, разочарани од негрижата на одговорните, резигнирани од постојаното манипулирање, уплашени за својата иднина. И најлошо од сè е изгубеното чувство за убавина. Денешното грдо и ненормално за нив станува нормално. Младите мора да добијат повеќе објекти за нивно културно делување. Мултимедијални центри, алтернативни сцени, уметнички галерии, форсирање на домашна квалитетна уметност и сл. со што би се оневозможил агресивниот продор на шунтот. Дискотеките и ноќните клубови треба да бидат лоцирани на периферијата (може и во напуштените индустриски објекти) каде што не би пречеле на секојдневниот живот на повозрасните. До тие локалитети ќе биде организиран и редовен автобуски и такси сообраќај со цел да се намали ризикот од сообраќајни незгоди.
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека овој проблем треба да се реши?
– Ѓубре, кал, оштетени елементи, (полу)расипани чешми, без пристојни тоалети итн итн. Како и околината на живеалиштата на живите граѓани, така и онаа на вечните живеалишта на нашите блиски е во хаотична, незавидна состојба. А, цените сѐ повисоки. Карактеристично за монопол позиција. Колку што може градот ќе влијае на формирање стручен и одговорен раководен тим кој проблемите ќе ги земе во свои раце.
Кои од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани ќе има место и за нив?
– Да бидам искрен, го очекувам законскиот почеток на кампањата за да можам да ја анализирам понудата на кандидатите за градоначалник на Скопје. Верувам дека кај секој(а) од нив ќе можат да се најдат оддржливи решенија за добробит на градот и на граѓаните. Нема добра идеја за градот, независно од каде таа ќе дојде, која нема да биде имплементирана доколку бидам изгласан. Подготвен сум искрено и целосно да му се посветам на нашето Скопје и да соработувам со сите оние што му го мислат доброто. Впрочем, затоа и се кадидирам за негов градоначалник. Скопје тоа и го заслужува.
Да се размислува за еден посеопфатен центар за млади на просторот околу Аквадуктот
Имате ли тајна формула обнова и рехабилитација на лунапаркот и на зоолошката градина?
– Околу лунапаркот мислам дека задача на Градот е да обезбеди локација за негова изградба и да распише конкурс на кој би се јавиле заинтересирани компании за негова изградба и стопанисување. Мислам дека постојната локација во Градскиот парк е мала за денешните потреби. Затоа подобро е да се размислува за еден посеопфатен центар за млади на просторот околу можеби Аквадуктот, но, сепак, конечното решение би го оставил на оние кои се постручни од мене за таа проблематика. Зоолошката градина која догодина ќе прослави 100 години од нејзиното основање, поради негрижа и нестручност е доведена во незавидна состојба. Приоритет ќе биде пополнување на клучните работни места со стручен кадар, со големо знаење и искуство. Компромис со стручноста не смее и нема да има. (Б.Ѓ.)