среда, јануари 21, 2026
Дома СКОПСКА Горан Ѓорѓиев назначен за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при...

Горан Ѓорѓиев назначен за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација

19

Сојузот на извидници на Македонија информира дека Горан Ѓорѓиев е назначен за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација. Одлуката е донесена од генералниот секретар на организацијата, по конкурентен меѓународен процес на селекција меѓу кандидати од цела Европа и пошироко.

Ѓорѓиев има повеќе од 15 години искуство од стратешкото лидерство, организацискиот развој и од младинската работа со извидниците на национално, регионално и на глобално ниво. Од 2019 година работеше во Светското извидничко биро, каде што извршуваше високи раководни функции, последно како директор за стратешка координација и организациски развој за Европа, поддржувајќи 47 национални извиднички организации.

– Неговиот извиднички пат започна во извидничкиот одред „Гоце Делчев“ од Свети Николе, а пред ангажманот на светско ниво, од 2010 до 2018 година, беше генерален секретар на Сојузот на извидници на Македонија. Во овој период активно учествуваше во организирањето национални и меѓународни кампови, натпревари и обуки, како и во менторството на стотици млади извидници и волонтери. Ѓорѓиев, исто така, придонесе во развојот на младинските политики и на граѓанското учество, вклучително и во воспоставувањето на Националниот младински совет на Македонија и работењето на програмите за младинско лидерство, градење капацитети и меѓународна соработка – соопштија од Сојузот на извидници на Македонија.

Според претседателката на Европскиот извиднички комитет, Дијана Слабу, Горан има богато искуство од стратешкото лидерство и од организацискиот развој, со длабоко разбирање на извидничката работа на сите нивоа.

– Со нетрпение очекуваме соработка со него за развојот на извидничката дејност во Европа – нагласи таа.

Горан Ѓорѓиев ја презеде новата функција вчера и ќе соработува тесно со Европскиот извиднички комитет и со светското раководство за зајакнување на поддршката за националните извиднички организации и за зголемување на влијанието на извидничката дејност низ Европа.

ИЗДВОЕНИ