Кога нешто се прави од срце и со љубов, не може да биде тешко. Ако не верувате дека е така, доволно е само малку да го запознаете Горан Билбилоски, човекот кој во последните неколку години има постигнато многу во спортот, а познат е и по својата голема хуманост бидејќи зад спортските успеси стои човек кој работи како асистент за деца со попреченост, дел е од активистичката група „Ретвитни оброк“ (група која дели оброци на бездомници), но се занимава и со дигиталниот маркетинг – СЕО.
Тој пред само неколку месеци стана првиот Македонец кој го истрча атлетскиот маратон на Хаваите, а веднаш потоа почна да се подготвува за ново спортско достигнување, кое беше остварено изминатиов викенд.
Горан настапи на трката „Ајронмен“ во Белград. Станува збор за триатлонска трка од 1,9 километри пливање, 90 километри возење велосипед и 21 километар трчање, а целата трка ја заврши за време од 7 часа и 15 минути.
- Пливање во прекрасното езеро Ада Циганлија, возење велосипед со ветер што не простува, и трчање на +35 степени. Сѐ за оној момент на финишот – момент што не се опишува, туку се доживува. Со учесници од 65 земји, споделивме енергија, радост и заедничка цел – да ја завршиме трката. Сепак, ова немаше да го постигнам без поддршката од најблиските. Но, овој медал им го посветувам на мојата штотуку родена внука, Софија, и на целата моја фамилија. Вторпат ја правам оваа дистанција и само ќе кажам: „никогаш доволно”, ни кажа Горан по завршување на трката.
Првиот спринт триатлон Горан го направи во 2019, во Скопје, а потоа и вториот во Охрид, истата година. Оттогаш секоја година остварува по еден, што значи има завршено вкупно четири. Првата ултратреил трка, трчање 105 км со 5.000 елевација, е „Охрид ултратреил“ (19 часа) во 2020 година. Прва „Ајронмен“ трка ја истрча во Подгорица – „Но лимит“ 2022 г. за 6 часа и 40 минути, по еден месец „Ултратреил“ трчање 105 км со 5.000 елевација (19 часа).
Има истрчано три скопски маратони – сите посветени на Никола, дете со Даунов синдром. Петпати со велосипед настапи на трката „Прв до Врв“ и двапати настапи на истата патека, но во планинско трчање. Во времето на корона-вирусот има истрчано 600 километри за еден месец, а ги има истрчано и маратоните во Цирих и Луксембург. Но, за сето ова ќе каже дека не е најважно времето, односно резултатот, туку колку ужива во тоа што го прави.
- Не е важно времето, важно е колку уживаме во тоа што го правиме. Благодарност до целата спортска заедница со која дружам и која ми дава поддршка, тоа е „Трекс“ за треил трки, „Маседонијан бајк рајдерс“ за секои тренинзи за возење со точак, и пливање со Наташа Мешковска. Ова нека биде поттик на помладата генерација да ги уриваат своите граници, затоа што во нив е иднината, вели Горан и веќе почнува да го планира своето ново спортско патување, а тоа е ултрамаратон од 100 километри.
(С. Т.)