Познатиот македонски и светски хармоникаш за своите корени создадени со етноубавината, од Господа благословена

Културниот центар „Горан Алачки“ е преполн со странски туристи. Тие се желни да ги научат и пеат македонските песни, од „Македонско девојче“, преку „Јовано, Јованке“, па до „Како што е таа чаша полна со вино“. Се воодушевуваат и од македонските национални јадења, а добар дел од нив научија и над сто македонски збора! Познатиот македонски хармоникаш, кој свири уште и на гитара, труба, гајда, тапани…, со светско име и реноме, маестро Горан Алачки, за екипата на весникот ВЕЧЕР, ги отвори портите од својата прекрасна семејна куќа во беровското живописно село Владимирово. Средена е и уредена според неговите желби, како и според спомените што ги носи во срцето за своите предци, но и за родителите.

Неговиот татко, Благоја, е роден таму, во Владимирово, а сега тој (Горан) им се враќа на корените. Од тој камен, од Алачкото Маало, кое има повеќевековна традиција. Всушност, куќата е внимателно реновирана, дел по дел, ја задржала својата автентичност и сега дише со полни гради. Низ целата година, во сите четири годишни времиња.

Културниот центар „Горан Алачки“ е изграден веднаш до семејната куќата, со што маестро ја продолжува фамилијарната традиција, да си биде свој на своето.  – Тука е буквално моето сè – и татковина и дедовина! Тука, со секој нов ден, повторно воскреснувам. Не се опишува тоа со зборови, тоа се доживува, тоа тече низ вените – емотивно вели Горан, кој и самиот признава дека позитивно се наежува кога зборува за сето ова, кое му е смислата на животот.

Убаво е тука во кое било време од годината, а мене лично најубаво ми е во зима, за верските и за националните празници. Кога ќе наврне снег до колена, кога се пие домашна топла ракија, се мези, се слуша пукањето на дрвата во каминот и кога создавам нови народни македонски хитови. Куќата е полна со мои пријатели и, секако, тука со мене е и мојата драга Марина. Без неа ништо! Друштво постојани ни прави домашниот миленик, шарпланинецот Гопал, кој веќе е одомаќен и верен чувар на куќата.

И во изминатите денови, во текот на илинденското празнување, Културниот центар „Горан Алачки“ беше преполн со странски туристи. Желни да ги научат и пеат македонските песни, од „Македонско девојче“, преку „Јовано, Јованке“, па до „Како што е таа чаша полна со вино“. Се воодушевуваат и од македонските национални јадења, во ова време, со македонскиот летен пинџур во комбинација со прочуеното беровско сирење. Добар дел од нив научија и над сто македонски збора. И не е само тоа. Во Центарот се одржуваат и редовните семинари за хармоника, презентирани во облик на предавања за значењето на инструментот хармоника во македонските стари и нови песни.Кога бевме таму, имавме чест да се запознаеме со интересен француски хор составен од 30-ина луѓе во пристојни години. Првпат се во Македонија, во родниот крај на маестро Горан Алачки. Нивните впечатоци се феноменални. Не само што ги научија македонските народни песни туку и потоа, во живо, ги пееја на сцената пред публиката, за што беа заслужено наградени со долго ракоплескање. На часовите кај маестро Алачки, Французите се едуцираа и за македонската етнокултура.

Токму тие, кои најмногу ја љубат својата француска шансона, во Владимирово, во секој поглед се вљубија во македонските етнопесни.  По неколкудневниот претстој, тие заминаа во родната Франција со многу впечатоци. Културниот центар „Горан Алачки“ само им ја наполни душата со сите мераци кои и онака ги имаат кон Македонија.                                                                                                            Дуле Миќиќ   

 

 

ИЗДВОЕНИ