Google се соочува со нова тужба во која се обвинува дека го користи својот асистент за вештачка интелигенција Gemini за нелегално следење на приватните комуникации на корисниците на Gmail, Chat и Meet.
Во групна тужба поднесена во федералниот суд во Калифорнија, се тврди дека технолошкиот гигант тајно ја активирал алатката за сите корисници во октомври, давајќи му пристап до приватни податоци без нивно знаење или согласност, објавува Bloomberg.
Додека корисниците претходно имаа можност сами да ја вклучат програмата за вештачка интелигенција на Google, во тужбата се тврди дека компанијата во сопственост на Alphabet еднострано ја променила практиката. Иако Gemini може да се исклучи, корисниците мора да се движат низ комплицирани поставки за приватност за да ја пронајдат опцијата.
Доколку корисниците не го преземат тој чекор, Google наводно го користи Gemini за „пристап и експлоатација на целата снимена историја на приватните комуникации на своите корисници, вклучувајќи практично секоја е-пошта и прилог испратена и примена во нивните Gmail сметки“, се наведува во тужбата.
Тужителите тврдат дека Google го крши Законот за нарушување на приватноста. Тоа е закон од 1967 година кој посебно забранува тајно прислушување и снимање на доверливи комуникации без согласност на сите вклучени страни.
Гугл сè уште не ги коментираше обвинувањата.












