По првото издание на новиот македонски фолк-фестивал! Фестивалот беше отворен од доајенот на македонската музика, Драган Мијалковски, со носталгичната „Тука сум роден јас“. Нино Величковски ја пееше песната „Стара ламба трепери“, која му е погодена, одговара на неговиот весел карактер!
(Дуле Миќиќ)
„Фолк-фест Владимирово 2025“ како гордо звучи тоа! Сега ќе ви објасниме и зошто. Македонската музичка сцена се закити со уште еден нов фестивал, на кој премиерно беа исполнети нови песни, но не какви било, туку бисери, идни хитови, со цел да станат евергрини. Тоа не беше само обичен фестивал. Беше пренесуван директно на Првата програма на Македонската телевизија, со што, да бидеме искрени, се јави револт кај постариот брат – валандовскиот фестивал, кој се одржа една недела пред тоа, но го немаше истиот третман на фреквенцијата на МТВ. Тука нема да навлегуваме во причините, кои самиот „Фолк-фест Валандово“ би требало да си ги реши со МРТВ.
Организацијата, домаќинлакот, почнувајќи од народниот обичај со леб и сол и почитувањето на сите гости, пејачи, музичари, автори, секако, и на акредитираните новинари беа за чиста десетка. Публиката го исполни Домот на културата, фестивалската сала „Ванчо Чавдарски“, до последното место, со што ја покажа својата максимална заинтересираност за фестивалот подготвуван од организаторот, маестро Горан Алачки, со љубов и ентузијазам цела година. Одличните резултати ни на сон не можеше да изостанат.
Сите 12 песни беа певливи, емотивни, мајсторски напишани, некоја весела, некоја тажна, за сечиј вкус. Реакцијата на публиката беше фантастична. Особено кога Ленче Дедејче ја испеа многу веселата „Ракија се пече“. Публиката се крена на нозе, пеејќи со неа. Песната има многу запалив рефрен, кој освојува уште при првото слушање. Пејачката знаеше мошне добро да го долови тоа. Затоа и ја доби, неофицијално (иако официјални награди немаше), наградата од акредитираните новинари во името на публиката. Кај (неофицијалното) стручно жири, најсилен впечаток остави Жаклина Узунова-Жаки, пеејќи ја емотивно-тажната балада „Засекогаш“. Во публиката, во текот на пеењето на Жаки, забележавме по некоја солза на лицата на луѓето. Таков е текстот на оваа песна, која со право (неофицијално) го освои жирито од акредитирани новинари, кои ги имаше во голем број, од многу медиуми.
Идејниот творец и организатор, како што спомнавме, маестро Горан Алачки, со сета своја љубов, умеењето, знаењето, искуството што го поседува на естрадата, невозможната мисија ја направи возможна. Фестивалот беше отворен од доајенот на македонската песна, Драган Мијалковски, со носталгичната „Тука сум роден јас“. Нежна, но воедно и весела песна и гласот со кој Драган сè уште ги освојува срцата на слушателите. Нино Величковски имаше песна што му е погодена, што одговара на неговиот весел карактер. Пеејќи ја „Стара ламба трепери“, тој добро ја насмеа публиката, која уживаше во духовитиот текст. Низ пеењето и со своите гестикулации, тој ги погоди присутните, што се вели, во „жичка“.
И сите други што беа присутни (Перо Христов, Горан Кукиќ, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Круме Спасовски, Ванчо Тарабунов, Наум Петрески, згодната и комуникативна водителка Ели Танасковска, професионалните музичари Миле Барбаровски, Валентино Бенедети, Ристо Краповски, Орце Лазаров, Никола Митровиќ, Стојан Димов, Лиле Автовска, Васил Атанасов…), таа мајската вечер, на Спасовден, во Владимирово, заслужено ја понесоа наградата за рамноправни победници. Единствено, за жал, не ја слушнавме Виданка Ѓеорѓиева, која со причина, поради страшната семејна трагедија, не настапи.
На фестивалот победија песната, дружењето, пеењето, професионалноста, целата таа позитивна енергија. А, атмосферата од сцената потоа, по некоја логика, продолжи и на вечерата организирана од Горан Алачки и од неговата поубава половина, инаку наша драга колешка-новинарка, Марина Дојчиновска. Тоа беше вистинска народна веселба за сите љубители на македонската песна. Нека трае, нека се множат фестивалските години! Фестивалот успешно почна на својот пат по разбрануваната македонска фолк-сцена. Искрено, радоста ни е голема и поради самиот Горан Алачки. Желбата му се исполни! (Строго забрането e копирање на текстот и фотографиите, со објавување на другите портали без усмена или писмена согласност на vecer.press)