Челниците на НБА-лигата започнаа истрага против Лос Анџелес Клиперс, откако новинарот Пабло Торе објави извештај во кој го обвинува тимот за организирање лажен спонзорски договор за доведување на ѕвездата Каваи Ленард. Тимот, наводно, го заобиколил ограничувањето на платите, објави „Си-ен-ен Спорт“.
Торе тврди во својот поткаст „Пабло Торе открива“ дека добил повеќе од 3.000 страници интерни документи и разговарал со неколку анонимни извори. Според него, собраните докази укажуваат на наводна шема во 2022 година со која на Ленард би му исплатиле 28 милиони долари во текот на четири години, што е директно кршење на правилата на лигата за ограничување на платите.
Портпаролот на НБА, Мајк Бас, потврди за „Си-ен-ен Спорт“ дека лигата е запознаена со случајот.
- Свесни сме за утринскиот медиумски извештај за ЛА Клиперс и започнуваме истрага, рече Бас.
Епизодата од поткастот, исто така, вклучува аудиосведоштво од наводен поранешен вработен во сега веќе непостојната компанија „Аспирејшн партнерс Инк.“, за која се тврди дека однапред ѝ платила на ѕвездата на Клиперс без знаење на лигата.
- Не го открив (договорот) толку колку што ми беше кажано за него, рече анонимен извор, опишан како лице кое работело во финансискиот оддел на „Аспирејшн“.
Изворот раскажа како му бил презентиран договорот: „Патем, имаме и маркетиншки договор со Каваи Ленард, за 28 милиони долари, органски маркетиншки спонзорски договор со Каваи“, додавајќи дека му било кажано дека Ленард не мора да прави ништо за возврат.
Торе, исто така, истакна дека сопственикот на тимот, Стив Балмер, инвестирал 50 милиони долари во „Аспирејшн“ во 2021 година, иако директната врска помеѓу Балмер и наводниот договор со Ленард не е сосема јасна. Тимот издаде соопштение до „Атлетик“, кој е домаќин на поткастот на Торе, негирајќи ги сите обвинувања.
За што поточно се работи?
Леонард беше еден од најбараните слободни агенти во историјата на НБА во 2019 година, а Клиперси потпишаа со него тригодишен договор од 103 милиони долари.
Дури и тогаш, имаше шпекулации дека неговиот менаџер и чичко, Денис Робертсон, им наметнувал нелегални услови на тимовите, но лигата не пронајде докази по истрагата. Сепак, според најновото откритие на истражувачкиот новинар Пабло Торе, НБА „не копаше доволно длабоко“. Тој ја откри врската на Ленард со „Аспирејшн“, компанија за садење дрвја која поднесе барање за банкрот во март.