Португалскиот фудбалски репрезентативец и член на англискиот клуб Ливерпул, Диого Жота (28), трагично загина утрово во сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора.
Несреќата се случила на автопатот А-52 во близина на Санабрија. Автомобилот во кој се возеле Жота и неговиот помлад брат Андре, кој исто така игра професионален фудбал за португалскиот клуб Пенафиел, излетал од патот и набрзо се запалил.
Очевидци кои ги повикале службите за итни случаи рекле дека возилото веќе било зафатено од пламен кога пристигнале, а пожарот се проширил на околната вегетација.
Диого Жота се приклучи на Ливерпул во 2020 година, откако пристигна од Вулверхемптон за речиси 45 милиони евра. Во текот на својата кариера во црвениот дрес, тој одигра 182 натпревари, постигна 65 гола и запиша 26 асистенции. Во тој период, тој му помогна на клубот да освои три големи трофеи: Премиер лигата во сезоната 2024/25 и ФА и Лига Купот во сезоната 2021/22.