Голема реконструкција – Паркот на езерата ќе стане вистинска атракција

96

Општина Аеродром периодов интензивно работи на комплетна реконструкција на Паркот на езерата, што се наоѓа покрај кејот на Вардар, во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“. Станува збор за прва голема реконструкција на овој парк од неговата изградба.

-Во паркот деновиве се поставува нова урбана опрема, односно клупи за седење и канти за отпадоци. Исто така, хидрауличните системи на двете големи фонтани и четирите водопади ќе бидат заменети со нови, со што повторно ќе се стават во функцијата гејзерите кои се вистинска атракција и препознатлив знак на овој парк. Исто така, паркот ќе добие и ново осветлување, кое со својата уникатност, во вечерните часови внесува посебна магија на оваа локација – соопштија од Општина Аеродром.

Оттаму додаваат дека со реконструкцијата, за безбедно движење на посетителите, ќе бидат опфатени и неколкуте моста што поминуват над водните површини. Воедно, се работи и на обнова на системите за полевање на тревниците коишто ќе бидат надополнети со ново хортикултурно уредување.

Паркот на езерата е еден од најпосетуваните паркови во Аеродром каде што жителите наоѓаат разладување, особено во текот на жешките летни денови.

Општина Аеродром веќе привршува со целосната реконструкција на паркот „Бановина” во Лисиче, а во наредниот период ќе бидат обновени сите паркови на нејзината територија, со што аеродромци ќе имаат убаво уредени места за одмор, релаксација и дружење.

 

ИЗДВОЕНИ