Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“, денеска, во Автокоманда ја започна големата есенска акција за чистење и уредување на јавните површини.
Од Општина Гази Баба информираат дека во рамките на акцијата се чистат улиците, се кастрат дрвјата, се собираат лисјата, се уредуваат зелените површини и се подига комуналниот отпад.
– Комуналната хигиена е основа за здрава и убава општина. Чистите улици, уредените паркови и одржуваните простори создаваат подобра средина за живеење, обезбедуваат безбедно движење и придонесуваат за поквалитетен живот во Гази Баба – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој упати голема благодарност до посветените работници на ЈКП „Гази Баба“, бидејќи, како што нагласи, тие секојдневно, од рано наутро, напорно работат за Општината да биде почиста, поуредена и позелена.
При тоа, апелираше до граѓаните да се подигне свеста за правилното фрлање отпад, да не се фрлаат отпадоци на улиците, да се чуваат зелените површини и секој по малку да придонесе за почиста Гази Баба.












