Голема акција на Европол во Бугарија: Уапсени 35 лица поради трговија со артефакти

0
Криминалната мрежа дејствувала повеќе од 16 години во Западна Европа, Балканот, САД и други региони

Во Бугарија вчера се уапсени 35 лица поврзани со криминална мрежа која била вклучена во трговија со културни добра од големи размери низ цела Европа.

„Извршивме 131 претрес. Во рок од 24 часа, приведени се 35 лица, пронајдени се илјадници културни вредности, а бројките сè уште се зголемуваат, како и повеќе од 50 парчиња античко огнено оружје“, изјави на прес-конференција шефот на Генералниот директорат за борба против организираниот криминал (GDBOP) на Бугарија, Бојан Раев, објави Ројтерс.

Во меѓународните рации, предводени од Бугарија и координирани со Европол и Евроџаст, запленети се автомобили, сефови и други предмети.

Заменик-градскиот обвинител на Софија, Ангел Канев, изјави дека криминалната мрежа работела повеќе од 16 години во Западна Европа, Балканот, САД и други региони.

„Досега, во случајот со перење пари се идентификувани повеќе од 1 милијарда долари“, додаде Канев.

Истрагата е покрената по рацијата во Бугарија во 2020 година, кога полицијата заплени околу 7.000 културни артефакти со непроценлива историска и монетарна вредност, се вели во соопштението на Европол.

ИЗДВОЕНИ