Шефот на противпожарната служба вели дека ситуацијата е сериозна. Евакуацијата на населението и туристите е во тек.
Голем пожар избувна помеѓу Омиш и Макарска на хрватскиот брег, а пожарникарите велат дека во моментов немаат контрола и дека е тешко да се локализира, пренесе хрватски „Индекс“.
„Спасуваме куќа по куќа, сè е во опасност“, изјави Славко Туцаковиќ, раководител на противпожарната служба, за Хрватската телевизија.
Евакуацијата на населението и туристите е во тек.
„Гаснењето на пожарот е отежнато од ветерот, па канадерите беа принудени да се вратат во Сплит“, додаде тој.
Тој ја опиша ситуацијата како сериозна.
Сплитската противпожарна служба доби повик околу 7 часот наутро на 21 јуни дека голем пожар избувнал во областа Писак, во близина на Омиш.
Гори трева, ниска вегетација и шума, на тешко пристапен терен.
Сè уште не е познато што го предизвикало пожарот.
„Луѓето велат дека во последните денови во градот е видено лице на мотор како предизвикува пожари“, цитираше „Индекс“ неименуван жител.
Некои очевидци тврдат дека во пожарот биле оштетени и некои автомобили.
Локалните медиуми известуваат дека полициски глисер и брод на пристанишните власти ги евакуираат луѓето по море.
Силна бура носи чад и пепел сè до островот Хвар.
Шумските пожари на хрватскиот брег не се невообичаени, особено во лето.
Во август 2024 година, пожарникарите се бореа со денови и ноќи, од копно и од воздух, за да го локализираат пожарот што избувна во близина на Сплит, најголемиот град на хрватскиот брег.
Изгорени се 700 хектари шума, ниска вегетација и трева, а тројца пожарникари се полесно повредени, објави тогаш Хрватската радиотелевизија.