Ракометарите на Вардар 1961 со пораз ја почнаа главната фаза во Европската лига откако загубија на гостувањето во Португалија, од тимот на Бенфика, со 40:35.
„Црвено-црните“ имаа сериозни дупки во одбраната, тоа го покажува и самиот резултат, иако реализацијата во нападот беше на одлично ниво. Освен на почетокот од натпреварот, кога имаше Вардар позитива од 3:6 и 4:7, продолжението им припадна на домаќините, кои наметнаа брзо темпо и лесно го пробиваа бедемот. На полувреме се замина со убедливи 24:16 за Бенфика, а Вардар во еден момент имаше дури девет гола негатива, што практично го реши победникот уште по 30 минути игра.
Во вториот дел, избраниците на Иван Чупиќ се обидоа да се вратат, со серија од 5:2 намалија на 26:21, но тоа беше сè што успеаја. Бенфика го задржа сигурното водство и на крајот дојде до стартната победа во главната фаза. Инаку, вреди да се напомене дека домаќините имаа причично добра судиска помош, за што најдобро говори бројот на исклучувања на двете страни. Вардар во шест наврати остана со играч помалку на теренот, додека домаќините имаа само две исклучувања, иако ниту еден од тимовите не форсираше груба игра.
Со овој пораз, ситуацијата во групата се комплицира, Вардар сега има ист број бодови како и Бенфика (2), а во следното коло го пречекува фаворитот Мелсунген, во Скопје. Ќе биде потребна многу подобра игра, особено во дефанзивата, ако сакаат да останат во трката за четврт-финалето.











