
Едно од прашањата во светот на спортот на кое сите сакаат да го знаат одговорот е, сигурно, колку долго ќе игра српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Најдобриот тенисер на сите времиња постојано повторуваше дека сака да учествува на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, но некои од неговите изјави по неочекувано убедливите порази, како што се полуфиналето на Ролан Гарос, Вимблдон и Отвореното првенство на САД, како и одлуките во врска со намалувањето на бројот на турнири, понекогаш изгледаат како крајот да е близу.
Марк Ноулс, поранешен број еден во двојки и трикратен освојувач на грен слем во оваа дисциплина, како и тренер на Џесика Пегула, е уверен дека Ноле ќе игра уште најмалку две години.
– Она што го слушнав е дека Ѓоковиќ планира да игра во 2026 и 2027 година – рече Ноулс во подкастот „Inside-out“. – Очигледно е дека воопшто не размислува за пензионирање. Тој ги сака предизвиците и продолжува да верува во себе.
Ноулс ги освои сите најголеми купови во двојки со Даниел Нестор, тој беше партнер на Канаѓанецот сè додека вториот не ги здружи силите со Ненад Зимоњиќ.
Ѓоковиќ, пак пристигна во Шангај за да учествува на Мастерс 1.000 и тоа ќе биде неговиот прв турнир надвор од грен слем турнирите од мај, кога ја освои својата 100-та титула во Женева. Очигледно, одлуката на српскиот ас да игра во Кина е одличен знак дека неговото пензионирање не е на повидок.
– Очигледно е дека е фокусиран на освојување на грен слем број 25. На другите турнири, не треба да очекуваме премногу од него – додава Ноулс.
– Не верувам дека некој тениски смртник може да најде мотивација да продолжи да игра по сè што постигнал, но тој може. За љубителите на тенисот, неговата одлука да игра е многу важна, бидејќи сите сакаме најдобрите да играат засекогаш. Никој не го победил времето, но е блиску. Тој се бори против времето – се пошегува најдобриот бахамски тенисер во историјата.
Но, ако многумина го отпишуваат Ѓоковиќ по убедливите порази од Јаник Синер и Карлос Алкараз во полуфиналето на Ролан Гарос, Вимблдон и Отвореното првенство на САД, Ноулс размислува поинаку:
– Сигурен сум дека кога ќе види дека експертите мислат дека повеќе не може да ги победи Карлос и Јаник, тоа му дава дополнителна мотивација. Тоа е вистински предизвик за него. Затоа тој е без сомнение најдобриот тенисер на сите времиња. Тој постигна сè, освои сè.