Филмот ја раскажува приказната за тројца пријатели чиј заеднички живот добива неочекуван пресврт откако зад шармантната фасада на нивниот нов цимер започнува да излегува на виделина неговата вистинска, манипулативна природа. Во тесниот простор на заедничкото живеалиште, борбата за лична слобода станува неизвесна… посочуваат од продукцијата „Сектор филм“
Режисерот Марко Ѓоковиќ го започна снимањето на својот дебитантски долгометражен игран филм со работен наслов „Потстанар“, а во продукција на „Сектор филм“. Сценариото на филмот, чие снимање ќе биде на повеќе локации во Скопје во текот на наредниот месец, го потпишува Ѓоковиќ заедно со Симеон Венциславов од Бугарија.
Како што посочуваат од продукцијата, „Потстанар“ е психолошка драма инспирирана од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ.
– Филмот ја раскажува приказната за тројца пријатели чиј заеднички живот добива неочекуван пресврт откако зад шармантната фасада на нивниот нов цимер започнува да излегува на виделина неговата вистинска, манипулативна природа. Во тесниот простор на заедничкото живеалиште, борбата за лична слобода станува неизвесна, објаснуваат оттаму.
Главните улоги во филмот ги толкуваат младите актери Ана Јовановска, Илија Волчевски и Хакан Даци, како и Албан Укај од Босна и Херцеговина кој ја оствари впечатливата улога Сокол во филмот „Lorna’s Silence“ на браќата Дарден од 2008. Во останатите улоги се Николина Кујача, Камка Тоциновски, Софија Куновска, Борис Дамовски, Адем Карага, Стефанија Начевска, Мина Јелушиќ, Лазар Христов, Бранко Атанасов и Матеа Јанковска.
Директор на фотографија на „Потстанар“ е Александар Крстевски, сценограф Сашо Блажевски, костимограф Розе Tрајческа, шминка Снежана Ангеловска-Живковска, снимател на звук е Дејан Михајловски, а кастинг директор Милка Анчевска.
Продуценти на филмот се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, а како копродуценти се јавуваат Александар Протиќ, Димче Стојановски и Стефан Орландиќ Стојановски од Србија и Маја Кецојевиќ од Црна Гора.
Сектор филм го реализира филмскиот проект „Потстанар“ во копродукциска соработка со „Mir Media Group“ и „Living Pictures“ од Србија и со „Parangal Film“ од Црна Гора, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот центар на Црна Гора.
Марко Ѓоковиќ (Скопје, 1984) дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот филмска и ТВ-режија, во класата на проф. Столе Попов во 2013 година. Автор е на краткометражните филмови „Луѓе без земја“(2011), „Синот“(2013) и „Еклер“(2016) кои земаа учество на повеќе филмски фестивали.