epa12437255 Novak Djokovic of Serbia gestures during his Men's Singles round of 16 match against Jaume Munar of Spain at the Shanghai Masters tennis tournament in Shanghai, China, 07 October 2025. EPA/ALEX PLAVEVSKI

Најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, беше интервјуиран од познатиот англиски новинар, Пирс Морган. Едно од прашања што му ги постави Морган беше што би сакал да му биде врежано на надгробната плоча.

– Човек што ги допре срцата на луѓето – одговори Ѓоковиќ.

Потоа објасни и зошто.

– Еден од оние што многу ми помогнаа со менталната сила и еден од најголемите спортски психолози што живееле некогаш, д-р Џим Лоер, кој работеше со многу шампиони и со играчи што беа број еден во спортот, и во машкиот и во женскиот тенис. Едно од неговите главни прашања е: што би сакале да ви биде напишано на надгробната плоча? Тоа е одлично прашање. Ве тера да размислите, ве тера да се прашате, знаете, како сакате да ве помнат. Јас би сакал, мислам, достигнувања, резултати, круни и титули, тоа е нешто на што сум многу горд. Не можам да го игнорирам тоа. Многу сум горд на тоа. Цел живот работев напорно за да стигнам до местото каде што сум сега и да бидам дел од оваа дискусија. Затоа го прифаќам тоа со голема гордост – рече српскиот тенисер.

Тој зборуваше за Никола Пилиќ како пример за угледување.

– Мојот татко тенисер, како што го нарекувам, почина пред нешто повеќе од еден месец и јас отидов на неговиот погреб. И тоа беше првиот погреб на кој сум бил некогаш. И мојот најголем впечаток од тоа, покрај неверојатната тага и емоции што ги почувствував, е човечката врска, врските што ги остави зад себе и што ги воспостави во текот на својот живот и на својата кариера.

Како ги допре срцата на луѓето што беа не само на тој погреб туку и во тенискиот клуб, што беше мал настан по погребот кој се одржа во негова чест. Луѓето зборуваа за него, но не за тенисот и за тоа што постигна тој како играч или како тренер. Се работеше за тоа кој беше тој како личност, како се однесуваше кон луѓето, како ги промени животите на младите луѓе или на секој со кого беше близок. И така сакам да бидам запаметен – заклучи Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ ја освои својата 101. АТП-титула во кариерата минатата недела, победувајќи го Италијанецот Лоренцо Мусети во финалето во Атина, станувајќи најстариот Србин што освоил АТП-турнир откако е основана АТП-турнејата во 1990 година.

ИЗДВОЕНИ