Поранешниот светски тениски рекет број еден, Шпанецот Рафаел Надал, не верува дека моментно најдобриот тенисер на денешницата, Србинот Новак Ѓоковиќ, може да стигне до 25. Гренд слем титула. Надал, кој беше на добротворен голф турнир во Мадрид, беше прашан дали верува дека Ѓоковиќ може да стигне до 25 гренд слем титула, на што одговори:
„Заврши. Не мислам дека треба да го анализираме тенисот само врз основа на тоа кој ќе победи. Имаше шанса во Мелбурн, а во оваа фаза од кариерата, да бидам искрен, нема многу останати шанси. Сепак, она што го постигнува е апсолутно восхитувачки“, рече Надал.
Шпанецот нагласи дека ужива во животот, откако се повлече од професионалниот тенис.
„Се чувствувам посмирено, без никакви чудни чувства, бидејќи моето време тука заврши точно како што требаше. Ја продолжив кариерата подолго отколку што можев да замислам. Сега сум целосно среќен кога ги гледам моите колеги како успеваат и, на некој начин, уживам во нивниот успех“, рече Надал.











