Најдобриот тенисер во историјата, Србинот Новак Ѓоковиќ, го почна настапот на мастерс турнирот во Шангај, каде што има огромна поддршка од навивачите и ќе се обиде да го одбрани финалето од минатата сезона, кога беше поразен од светскиот рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер.
Новак не крие дека има големи амбиции и дека би сакал да му се одмазди на Италијанецот. Тој зборуваше и за немилосрдниот распоред на АТП, па многумина читаа меѓу редови: дека го прозива Шпанецот Карлос Алкараз.
Тој откри дека токму поради навивачите решил да игра во Шангај, што ќе биде негов прв турнир по Отвореното првенство на САД.
– Поддршката што ја добивам во Кина од 2007 година и победата на мастерс купот во Шангај се неверојатни. Секој тренинг тука е како натпревар во однос на поддршката, бучавата – се чувствувам добредојдено и, да бидам искрен, тоа е една од најголемите причини зошто решив да дојдам. Едноставно се чувствувам добро тука. Можеби, имам најголема поддршка тука, во Кина – рече Ѓоковиќ на прес-конференцијата.
Новак е свесен дека има поголеми шанси против помладите колеги на турнирите што се играат во два добиени сета.
– Мислам дека физичката подготвеност е најголем фактор на натпреварите во два сета, во споредба со натпреварите во три сета. Но, сето тоа е поврзано, секако со менталниот дел и со самата игра. Ако не сте 100 % физички подготвени против овие момци, се чувствувате како да сте половина чекор побавни, а тоа влијае на целата игра. Влијае на секој поен, на размените и на разни аспекти на натпреварот. Затоа го кажав тоа по Отвореното првенство на САД, затоа што навистина чувствувам дека играњето натпревари во три сета, освојувањето сет во последната фаза од турнирот е голем предизвик за мене. Имам чувство дека не влегувам во полуфиналето толку свеж како што се тие. Но, во ред е, тоа е само биолошки факт што морам да го прифатам на крајот. Сè уште го правам најдоброто што можам во овие околности – да ги предизвикам тие момци, но, пред сè, самиот себе и да видам колку можам да направам на секој турнир на кој учествувам. Мастерс турнирите се играат речиси две недели, таму чувствувам дека имам поголема шанса да освојам трофеј или да постигнам значаен резултат – вели Новак.
Тој испрати јасна порака до Јаник Синер.
– Би сакал повторно да играм со Јаник, бидејќи тоа ќе значи дека сум стигнал до полуфиналето. Ќе видиме. Тој победи на повеќето наши натпревари во последно време. Ме победи во финалето минатата година, беше добар натпревар.
Во последно време, сè повеќе се зборува за тешкиот распоред, но Ѓоковиќ не се срами да го каже своето мислење гласно и јасно. Шпанецот Карлос Алкараз беше предводник во поплаките, но не ги пропушти ни егзибициските турнири.
– Играчите се жалат на распоредот, коментираат по медиумите, но мора да вложите енергија. Тоа сте вие. Не агентот, тимот, родителите, тоа сте вие. Најдобрите играчи мора да ги засукаат ракавите и да го разберат системот. Коментарите во медиумите може да привлечат внимание, но не ги менуваат работите. Знам од искуство – рече Новак.
Тој без двоумење ја истакна противречноста кај своите колеги.
– На крајот на краиштата, можноста за избор сè уште постои. Некои играчи велат „да“, но постојат правила итн. Но, правилата се тука за бонусот. Можеби, нема да го добиете бонусот, но тоа е избор што сте подготвени да го направите ако сакате да играте помалку. Потоа имаме и егзибиции, за кои играчите аплицираат, па затоа е малку контрадикторно – заклучи Ѓоковиќ.