EPA/GEORGE VITSARAS

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја освои 101. титула во кариерата, триумфирајќи над Италијанецот Лоренцо Мусети по голема борба во финалето на турнирот во Атина. По повеќе од два и пол часа, Ѓоковиќ славеше со 4:6, 6:3, 6:4 и уште еднаш потврди дека е еден од најголемите во историјата на овој спорт.

Со оваа победа, Ѓоковиќ се доближи на само две титули од Роже Федерер на вечната листа на шампиони. Швајцарецот има 103 трофеи, додека на врвот останува Американецот Џими Конорс со 109 освоени турнири. Дополнително, Новак стигна до својата 72. титула на тврд терен, со што го надмина токму Федерер и стана најуспешниот тенисер на таа подлога во историјата.

По доделување на пехарот, Ѓоковиќ, ја донесе најочекуваната одлука. Српскиот тенисер одлучи да не игра на Завршниот Мастерс турнир во Торино. Тој нема да се појави во Торино ниту оваа сезона, иако се квалификуваше, како што беше случајот и во претходната. Неговата одлука прво ја објави италијанскиот „Скај“, а потоа го потврди и Лоренцо Мусети на прес-конференција.

„Новак ми рече на теренот дека нема да оди во Торино. Не знам како да се чувствувам сега по поразот во финалето, но така ми рече Новак. Ќе биде подобро од следната година, кога трката ќе заврши веднаш по Париз“, рече Мусети.

Недолго потоа, српскиот ас ја потврди одлуката.

„Се надевав дека ќе се натпреварувам во Торино, но по денешното финале морам да кажам дека се повлекувам поради повреда од која страдам веќе некое време. Навистина ми е жал за навивачите кои се надеваа дека ќе ме видат, вашата поддршка навистина ми значи многу. Им посакувам на сите играчи одличен турнир и едвај чекам да се вратам на теренот. Се гледаме наскоро“, напиша Ѓоковиќ на Инстаграм.

Ова значи дека Мусети сепак ќе влезе на турнирот како прва замена и ќе биде во група со Алкараз, Фриц и Де Минор. Неговиот прв натпревар ќе го одигра денеска од 14 часот против Фриц. Новак е рекордер на Завршниот турнир со дури 7 титули (четири по ред), а играше во дури девет финалиња и има 50 победи.

Оваа и минатата година, тој веќе можеше не само да се изедначи, туку и да го престигне Федерер по бројот на учества (17), но одлучи да не настапи, па остана на „само“ 16 учества.

 

ИЗДВОЕНИ