Низ Македонија годишни гинат по 120 велосипедисти, што е како две дискотеки „Пулс“, истакнаа од групата скопски велосипедисти „На точак“, кои во среда од Градскиот плоштад во 17:30 часот ќе ја возат 91. „Критична маса“. – Во рамки на оваа Критична маса ќе се вози по булеварите и улиците за да се види во каква состојба се тие, а по кои треба безбедно да сообраќаме, велат од „На точак“.
Велосипедистите во „Критична маса“ ќе ја завршат обиколката до летната сцена „Лепеза“ во западниот дел на Градскиот парк. – Како многу пати досега, сакаме да ги откриваме непознатите делови од градот (за некого). Таму ќе имаме мало дружење и пикник. Носете си опрема за седење на трева и дружење, наведуваат од „На точак“
По повод 13 години „На точак“ и „Критична маса“, групата скопски велосипедисти со наслов „Ало 091, Критично е!“, во среда со старт во 17:30 часот од Градски плоштад ќе ја возат 91. Критична маса .
-Во рамки на оваа „Критична маса“ ќе се вози по булеварите и улиците за да се види во каква состојба се тие, а по кои треба безбедно да сообраќаме – велат од „На точак“.
Оттаму додаваат дека ќе се почне од т.н. пешачка улица „Никола Вапцаров“ (кај Тренд), која има повеќе паркирани автомобили од кој било легален паркинг во регионот. Потоа движењето продолжува по булеварите „Даме Груев“ и „ВМРО“ кои, иако се во најстрогото централно подрачје, како што потенцираат од „На точак“ сè уште немаат слеани рабници на пешачките премини.
– Велосипедските патеки долж булеварот „Гоце Делчев“ се распаѓаат, дупките се шират и прашање на време е кога ќе го исфрлат првиот велосипедист на коловозот – забележуваат од „На точак“.
Потоа, возењето продолжува по булеварот „Филип Втори Македонски“ (кај МОБ) каде што конечно се санираат (постојните) велосипедските и пешачките патеки, па по булевари со велосипедски ленти кои не се чистат и одржуваат, иако Градот поседува возила кои можат да ги чистат.
На крај, за првпат „Критична маса“ ќе заврши на летната сцена „Лепеза“ во западниот дел на Градскиот парк.
– Како многу пати досега, сакаме да ги откриваме непознатите делови од градот (за некого). Таму ќе имаме мало дружење и пикник. Носете си опрема за седење трева и дружење – наведуваат од „На точак“.
Тие предупредуваат на тоа дека од град кој не толку одамна тргна на патеката да стане велоград и од град кој нижеше километри велосипедскa инфраструктура, веројатно според бројот на жители и најмногу на Балканов, Скопје стана град во кој во официјалните градски соопштенија повеќе нема такви вести.
– Ако излезевте од дома пред 10 или пет години ќе се израдувавте на новооформени јавни простори, на коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје. Ако излезете од дома денес ќе видите дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да поминете. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази – констатираат од „На точак“.
Тие додаваат дека и состојбата со безбедноста на пешаците и велосипедистите, во најмала рака е иста, речиси и влошена, а можело да биде подобрена, а нема ниту посериозни инвестиции во смирување на сообраќајот, поради што на градските улици секојдневно животот го губат луѓе како да се на бојно поле.
– Годишно на улиците низ Македонија ни се случуваат две дискотеки „Пулс“, со над 120 жртви. Зарем тоа ќе го прифатиме како нешто редовно и вообичаено? Ќе молчиме ли? Дали ќе бидеме неми сведоци на црната статистика? – прашуваат од „На точак“
Оттаму констатираат дека никој од сегашните градоначалници или потенцијални кандидати, ниту понудил ниту дискутирал за Визија за нула жртви во сообраќајот, иако многу градови веќе го имаат тоа или тргнале кон тоа.
–Автоцентричноста на Скопје е во пораст, јавниот превоз, наместо да се развива во посовремени модели, сè повеќе губи патници. Ни треба сообраќаен систем каде ќе се зголеми нивото на проточност, брзина, ефикасност со главен приоритет на јавниот превоз. Сето тоа не може без специјални и посебни ленти за јавниот превоз, од каков и тип да е истиот. Неброено пати ги имаме обработено и повторено овие теми во многу наврати во изминатите 13 години: со бројни дописи, со речиси 100 „Критични маси“, на многу средби и официјални состаноци. Доволно долго сме присутни на скопскиве улици за да заклучиме дека главната поента не е овие наспроти оние. Главната поента е наука наспроти политиканство за ситни политички поени – децидни се од „На точак“.
Според нив, на Скопје не му требаат крпеници, туку ремонт, му треба протресување на сите институции, му треба отворање кон граѓаните, треба целосно реобмислување на мултимодален сообраќаен систем, со градски систем за изнајмување велосипеди.
Од „На точак“ порачуваат дека станува критично и оти чувствуваат одговорност да ја испратат пораката дека мора да се придвижиме напред.
(А.П.)