Вечерва (1 декември), во Мала станица, од 20.00 часот ќе биде отворена Годишната изложба на ДЛУМ. Овој значаен ликовен настан претставува презентација на визуелното размислување и креативна реализација на сите членови во текот на изминатата година.
„Како неселективна изложба, таа оддава почит на една од нашите основни вредности: правото на секој член да ја презентира работата што најдобро го одразува сопственото уметничко патување. Оваа отвореност создава редок и автентичен портрет на моменталната визуелна уметничка сцена, прикажувајќи широк спектар на ликовни изрази и стилови обликувани од различни генерации, сензибилитети и уметнички средини“, вели Маја Рауник Кирков, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Во годинашното издание, посетителите се среќаваат со инспиративен дијалог помеѓу традицијата и иновацијата. Изложбата ги обединува делата во класичните медиуми: цртежи, слики, графики, скулптури – практики кои продолжуваат да ја формираат основата на визуелната креативност. Заедно со нив, современите пристапи како што се инсталациската уметност, концептуалните практики, новите медиуми, дигиталната и видеоуметноста, фотографијата, експерименталните процеси и хибридните техники, ги откриваат растечките можности на визуелната комуникација во 21 век.
„Оваа коегзистенција на методите илустрира и континуитет и трансформација, демонстрирајќи како уметниците ги преиспитуваат, реинтерпретираат и ги реинвентираат традиционалните форми додека истражуваат нови креативни територии“, додава Рауник.












