Проекциите и очекувањата на гувернерот Трајко Славески упатуваат на тоа дека годишната инфлација за оваа година ќе биде во рамките на проекцијата на Народната банка, односно околу 4 или блиску до 4 проценти.

– Доколку се задржат позитивните трендови на забавување и одржливо стабилизирање на инфлацијата во наредниот период, како и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка ќе реагира соодветно, во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика – вели Славески.

Растот на економијата во третиот квартал од 2025 година изнесуваше 3,8 % на годишна основа, што, според гувернерот, произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка

 

Инфлација од 4 % или приближно до 4 % е очекувањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Тој вели дека со вакви проценти се и проекциите на централната банка, а очекувањата за 2026 година се дека ќе се намалува инфлацијата и дека ќе биде некаде помеѓу 2,5 и 3 проценти, а на среден рок да падне и на историски најниското ниво од 2 %.

– Во првите месеци од годинава, инфлацијата имаше надолен тек и, на изненадување, забрза неколку месеци. Летото дури имавме месеци со дефлација, минус 0,2 %, така беше мислам во август во однос на јули. За стабилизирањето на инфлацијата сметаме дека нагорниот тренд не е преобратен и веќе имаме мали промени од месец во месец. Во октомври имавме раст од 4,5 %. И проекциите и очекувањата упатуваат на тоа дека годишната инфлација за оваа година ќе биде во рамките на нашата проекција, односно околу 4 или блиску до 4 проценти. Нашата проекција беше 3,9 %, а проекциите за наредната година ви се познати – рече Славески.

Се очекува статистичките податоци за инфлацијата во декември да бидат објавени на 8 јануари. Статистика измери дека во ноември трошоците за живот на годишно ниво биле зголемени за 4 %.

– Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во надолна насока, што упатува на помали увозни ценовни притисоци во однос на претходните очекувања. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка – истакна Славески.

Според гувернерот, доколку се задржат позитивните трендови на забавување и одржливо стабилизирање на инфлацијата во наредниот период, како и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка ќе реагира соодветно, во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.

Што се однесува до состојбата на девизниот пазар, Славески потенцира дека и натаму е стабилна. На крајот од ноември, нивото на девизните резерви изнесуваше 4,862,2 милијарди евра, што, според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви, се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

– Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар, заклучно со ноември, упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери, кои се малку пониски од очекувањата за четвртиот квартал. Трговскиот дефицит проценет за четвртиот квартал од годината, во согласност со податоците за надворешнотрговската размена во октомври, е малку повисок од очекувањата, иако периодот сѐ уште е краток за попрецизна оцена – рече Славески.

Растот на економијата во третиот квартал од 2025 година изнесуваше 3,8 % на годишна основа, што според гувернерот, произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, што, главно, е резултат на растот на бруто-инвестициите, при негативен придонес на нето-извозот, заради посилен годишен раст на увозот од извозот на стоки и на услуги.

– Октомвриските податоци за индустриското производство и за прометот во вкупната трговија упатуваат на натамошни поволни трендови. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголем надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со кои ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од клучните фактори за темпото на економскиот раст – рече Славески.

Тој информираше и дека вчера започнала примената на новата оперативна монетарна рамка, со која се обезбедува висока усогласеност со практиките на развиените централни банки и зајакнување на сигналниот ефект на монетарната политика.

– Новата оперативна поставеност предвидува еден основен инструмент, благајнички записи со рочност од седум дена, со каматна стапка околу која е поставен симетричен коридор на каматните стапки, за разлика од претходната поставеност, кога како основен инструмент се користеа благајнички записи со рочност од 42/49 дена и беше применуван асиметричен коридор на каматните стапки. Банките и понатаму ги имаат на располагање депозитите и кредитите прекуноќ, заради управување со краткорочните ликвидносни промени – рече Славески.

Вчера, на аукцијата на благајнички записи, беа понудени 43 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно со проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ