За 2026 година имаме јасна цел – одбранбениот систем да биде модерен, функционален, отпорен и целосно усогласен со напорите за одвраќање на одбраната во контекст на колективната одбрана, изјави денеска македонскиот министер за одбрана, Владо Мисајловски. Тој се обрати на годишен брифинг за асоцијацијата на одбранбени аташеи во наша земја при што ги резимираше состојбите во одбранбениот сектор и зборуваше за целите и за проекциите за претстојната година.
– Трите приоритети на кои почива одбраната – стабилно буџетирање, дополнителен стимул во процесот на модернизација и целосното почитување и унапредување на правата и обврските кон вработените, ќе бидат исти на кои ќе продолжиме да ја градиме одбраната и Армијата и во 2026 година. Следната година, нашиот буџет е во висина од 358 милиони евра, што е 8,4 проценти повеќе од овогодишниот буџет. Со зголемување од над 27,7 милиони евра во буџетот на одбраната за следната година, гарантираме уште посилен развој и уште помодерна Армија со посилни капацитети – за национална и за колективна безбедност – потенцира Мисајловски.
Тој посебно нагласи дека следната година ќе биде година на забрзана модернизацијата со опрема која ќе ја зголеми оперативната способност. За таа цел од предвидените буџетски средства ќе се издвојат 116 милиони евра, што е речиси 10 милиони евра повеќе од средствата за модернизација во оваа година.
– Тешко е да се издвојат дополнителни средства за одбраната но, еве, со грантови и со средствата од буџетот правиме максимален напор. Таа обврска сме ја презеле и ќе продолжиме да ја правиме рамо до рамо со нашите сојузници. Следната година ќе ни стигнат француските системи „Мистрал“, каде што имаше мало одложување по барање на Франција. Очекуваме следната година да пристигнат два хеликоптера „леонардо“ од Италија, а за кој договор треба да платиме рата од 90-100 милиони евра. Заштедените средства од годинава овозможија да склучиме договор за набавка на резервни делови за возилата од американско производство – нагласи министерот за одбрана.
Тој најави дека на почетокот на следната година во армискиот строј ќе влезат нови 300 професионални војници.
– Договорите со нив почнаа поединечно да се потпишуваат и на почетокот на претстојната година ќе имаме посебен настан околу тоа – најави Мисајловски.
Одговарајќи на новинарско прашање врзано за мал број на граѓани од албанска етничка заедница меѓу новите офицери и единицата „Волци“, министерот одговори дека решавачки критериум е квалитет.
– Мислам дека треба да градиме квалитет. Секој што е квалитетен, е добредојден во Армијата. Во МО навистина има квалитетни луѓе и не гледаме дали некој е Македонец, Албанец, Турчин… Најважно е да ја сакаат државата Македонија. Секој еден таков е добредојден и ако ги поседува сите квалитети. Морам да нагласам дека има посебни тестови кои секој мора да ги помине за да биде дел од единицата. Драго ми е што има доста апликанти за која било позиција во Министерството и јас го охрабрувам секој што е квалитетен – нагласи министерот за одбрана.
Тој додаде дека во претстојната година, 185 македонски војници ќе бидат дел од меѓународните сили во Косово, Босна и Херцеговина, Либан, како и од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија. (Б. Ѓ.)
Македонски војници нема да се праќаат во Украина
На новинарското прашање дали може да се случи македонските војници да бидат дел од силите кои ќе бидат испратени во Украина, Мисајловски со негативен одговор.
– Директно да одговорам – нема да бидат испратени. Воопшто не планираме да има македонски војници на украинска територија. Ова многу пати сум го кажал и сега го кажувам. Ние гледаме да се модернизираме во нашиот дел. Дел сме од големо семејство, помагаме, но на таков начин не се размислува – нагласи Мисајловски.












