Најголем дел од компаниите веќе имаат започнато со откуп на тутун од оваа реколта и според податоците на Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над еден милион килограми тутун. Согласно Законот за тутун и тутунски производи, откупната сезона најрано може да почне на 15 ноември, а крајниот датум за почеток на откуп е 15 декември.

– Од тие над еден милион килограми, околу 967 илјади килограми се откупени како прва категорија, а многу мала количина како втора и трета категорија. Просечната откупна цена по килограм изнесува 419 денари, што е за речиси 19–20 денари повисоко од минатогодишната сезона, каде што заврши на 400 денари по килограм – вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Годинава тутунарите добија државна поддршка за зелена нафта со значајна литража, што сериозно влијае на намалување на производните трошоци. Тој очекува оваа откупна сезона да заврши навремено (до крајот на февруари) и со правилно вреднување на класите на тутунот.

Во однос настоковите резерви, тој истакна дека тие мора да бидат заштитени и оти очекува целосна истрага за скандалот со отпишаната пченица и јачмен.

– Во време на опозиција алармиравме по добиени информации од свиркачи дека се злоупотребуваат државните резерви. Сега слушаме дека биле отпишани над 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен од стоковите резерви. Начинот на кој тоа е направено, дали е направено и како е изведена целата операција, на тоа треба да одговорат токму тие за кои сега читаме дека се обвинети – истакна министерот и додаде дека стоковите резерви се нешто што треба да биде заштитетно како државен интерес.

Тој исто така истакна дека работат и на откривање на евентуални злоупотреби што се случувале.

– Една од првите пријави што ја поведов како министер беше за една фирма од Струмица, која има склучено над 19 договори со Министерството. Управителот на таа фирма бил помлад од 40 години и затоа бил ослободен од плаќање на закуп кон државата. Понудената закупнина, претпоставувам намерно, била повисока за да биде избран како најповолен понудувач и да се елиминира конкуренцијата – појасни министерот.

Трипуновски додаде дека при првичните контроли на терен утврдиле дека во најголем дел земјиштето не било обработувано, а имало и случаи каде концесионерот го давал земјиштето под закуп на трети лица, што е спротивно на Законот.

– Истата компанија се обврзала да реализира инвестиција од над два и пол милиони евра. Во контролата утврдивме дека речиси никаква инвестиција немаше на предметното земјиште. Дополнително, во овој период биле искористени средства по основ на субвенции, кои Платежната агенција ги исплатила кон овој правен субјект – рече министерот.

ИЗДВОЕНИ