Најголем дел од компаниите веќе имаат започнато со откуп на тутунот од оваа реколта и според податоците на Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени 1,7 милиони килограми тутун. Согласно со Законот за тутун и тутунски производи, откупната сезона најрано може да почне на 15 ноември, а крајниот датум за почеток на откупот е 15 декември.

– Од тие над еден милион килограми, околу 967 илјади килограми се откупени како прва категорија, а многу мала количина како втора и трета категорија. Просечната откупна цена за килограм изнесува 419,6 денари, што е за речиси 19-20 денари повисока од минатогодишната сезона, кога откупот заврши на 400 денари за килограм – вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Тутунарите првично се задоволни од откупот, но велат цената треба да се зголеми.

– Годинава заради сушата имавме само 620 килограми. Беше со добар квалитет и помина прва класа. Добро е, ама може уште подобро да биде. Цената треба да биде повисока, најмалку треба да биде околу 10 евра – вели Роза Колеска, долгогодишен тутунопроизводител.

Годинава, тутунарите добија државна поддршка за зелена нафта со значајна литража, што сериозно влијае на намалувањето на производните трошоци. Тој очекува оваа откупна сезона да заврши навремено (до крајот на февруари) и со правилно вреднување на класите тутун.

Во однос на стоковните резерви, тој истакна дека тие мора да бидат заштитени и оти очекува целосна истрага за скандалот со отпишаните пченица и јачмен.

– Во време на опозиција, алармиравме по добиени информации од „свиркачи“ дека се злоупотребуваат државните резерви. Сега слушаме дека биле отпишани над 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен од стоковните резерви. Начинот на кој е направено тоа, дали е направено и како е изведена целата операција, на тоа треба да одговорат токму тие за кои сега читаме дека се обвинети – истакна министерот и додаде дека стоковните резерви се нешто што треба да биде заштитено како државен интерес.

Тој, исто така, истакна дека работат и на откривање евентуални злоупотреби што се случувале.

– Првата моја пријава беше за една фирма од Струмица, која има склучено над 19 договори со Министерството. Управителот на таа фирма бил помлад од 40 години и затоа бил ослободен од плаќањето закуп кон државата. Понудената закупнина, претпоставувам намерно, била повисока за да биде избран како најповолен понудувач и за да се елиминира конкуренцијата – појасни министерот.

Трипуновски додаде дека при првичните контроли на терен утврдиле дека во најголем дел земјиштето не било обработувано, а имало и случаи каде што концесионерот го давал земјиштето под закуп на трети лица, што е спротивно на Законот.

– Истата компанија се обврзала да реализира инвестиција од над два и пол милиони евра. Во контролата утврдивме дека немаше речиси никаква инвестиција на предметното земјиште. Дополнително, во овој период биле искористени средства по основ на субвенции, кои ги исплатила Платежната агенција кон овој правен субјект – рече министерот.

ИЗДВОЕНИ