Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски,во интервју за МИА најавува дека пред Градот стои една од најпредизвикувачките години во која ќе се стави фокус на потребите на граѓаните и на реализацијата на сè што е ветено.
– Ќе се работи на подобрување на инфраструктурата, на зголемување на зелените површини, на враќање на целосниот капацитет на јавните претпријатија. Оваа година ќе биде година на големи капитални инвестиции и вистинска преродба на Скопје со цел граѓаните повторно да го чувствуваат градот како свој, повторно горд и достоинствен и како таков да им го оставиме на генерациите што ќе дојдат по нас – нагласува Ѓорѓиевски.
Тој додава дека станува збор за големи, сериозни и визионерски проекти, при што акцентот ќе биде ставен на подобрување на инфраструктурата, но и на враќање на кондицијата и на целосниот капацитет на јавните претпријатија.
– Кога ја презедов функцијата, затековме колабирани јавни претпријатија, вработени без плата, систем што не функционираше. Денес, тоа е минато. Претпријатијата функционираат, воспоставен е ред – вели скопскиот градоначалник.
Меѓу другото, тој истакна дека ќе следуваат: проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, вложување во заштита и уредување на културното наследство, како и сериозни инвестиции во јавното зеленило.
Според него, ќе се работи на изградбата на лунапаркот и по повеќе од една деценија, конечно, ќе се создаде простор каде што скопјани, особено најмладите, ќе може да уживаат во содржини достојни за еден модерен европски град. Воедно, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и со тоа, како што вели Ѓорѓиевски, ќе започне една сосема нова ера во развојот на градот. Со овој проект, смета тој, ќе се постигне сериозно растоварување на централната градска зона, побрз проток на сообраќај и значително подобар квалитет на живот на граѓаните.
– Оваа сообраќајница ќе биде симбол на новото време, симбол на храброста да се направи нешто што никој не се осмелил да го почне со децении. Проект што ќе влезе во историјата и, најважно од сè, проект што се реализира исклучиво за граѓаните, за нивно поквалитетно секојдневие, помал стрес и град во кој се живее достоинствено – нагласува градоначалникот на Град Скопје.












