До Министерството за образование пристигнале пријави за вкупно 34 случаи на врсничко насилство во училиштата, но досега не е забележан ниту еден официјален случај на онлајн-насилство, односно сајбер-булинг. Ова го потврди министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при средбата со учениците активисти кои ги презентираа своите идеи за безбедна дигитална средина.

– Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава, но не е пријавен ниту еден за насилство преку интернет. Јас би ве охрабрила, доколку сметате дека можеме да ви помогнеме, да го пријавите кога ќе наидете на такво насилство. Имаме стручни служби кои ќе работат со училиштата, наставниците, но и со жртвите и насилниците. Бидете мост меѓу интернетот и стручните служби – порача Јаневска и ги повика учениците, наставниците и родителите да пријават било каков вид насилство на е-адресата [email protected].

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека, покрај младите, е важно да се работи и со родителите.

– Родителите често не се подготвени да се справуваат со сајбер-булингот бидејќи тоа не постоело кога тие растеле. Затоа е клучно да се работи заедно со училиштата, педагозите, стручните соработници, но и со младите. Проектот „Центар за побезбеден интернет“ продолжува, и како институции сме тука да ви помогнеме – рече Андоновски.

Претставничката на УНИЦЕФ во Скопје, Лесли Милер, го оцени учеството на децата како инспиративно и практично. Таа истакна дека младите се креативни, имаат реални искуства и можат да бидат дел од решението за онлајн-безбедноста. Според неа, заштитата на децата онлајн е заедничка одговорност, а институциите, родителите, наставниците и приватниот сектор мора да обезбедат дека секое дете може да се чувствува безбедно и почитувано во дигиталниот простор.

Александра Ивановска од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, потсети дека во МВР има еден механизам што се вика „црвено копче“ за пријавување каков било вид насилство, вклучително и насилство во дигиталното опкружување, но дека не и е доволно познато на пошироката јавност. Конкретно, минатата година преку „црвеното копче“ имало околу четири пријави.

Настанот #НетБезХејт го организираше УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, во соработка со Сојузот на извидници. Ученици презентираа свои иницијативи, меѓу кои младинска дигитална серија со дебати, модули родител–дете, платформи за практични совети и поддршка на врсници, како и нов Прирачник за превенција од сајбер-насилство и говор на омраза ко-креиран и тестиран заедно со деца и експерти, а е наменет за наставници, психолози, социјални работници и младински работници, прирачникот содржи 19 интерактивни активности кои промовираат дигитална безбедност, емпатија, одговорно онлајн однесување и свесност за влијанието што онлајн постапките го имаат врз другите..

Настанот покажа дека обединувањето на младите, институциите и приватниот сектор може значајно да придонесе за побезбедна и поинклузивна дигитална средина, како и за градење култура на одговорност, емпатија и почит кон сите корисници на интернет.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ