Со растот на просечната плата, порасна и минималниот износ за К-15, кој оваа година изнесува 18.000 денари. Работниците имаат право на регрес за годишен одмор, кој за приватниот сектор изнесува најмалку 40 проценти, а за јавниот – 30 проценти од последните три просечни плати. Рокот за исплата на регресот е до крајот на годината, така што ако има раст на платите, износот ќе биде поголем. Единствениот услов за да добие работникот К-15 е да биде најмалку шест месеци вработен во фирмата и, секако, да биде пријавен на определено или на неопределено работно време. Но, во Општиот колективен договор постои клаузула според која фирмите што имаат финансиски тешкотии можат да исплатат помал износ на К-15, а, од друга страна, за оние фирми што добро работат – „само небото е лимит“.
Токму одредбата дека фирмата била финансиски нестабилна беше цел на чести критики изминативе години, како од Државниот трудов инспекторат така и од Сојузот на синдикати на Македонија, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавците. Дотолку повеќе што со ова не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за тешкотии во работењето, што е многу широк поим.
– Во Општиот колективен договор постои клаузула според која фирмите што имаат финансиски тешкотии можат да исплатат помал износ на К-15. Но, доколку се злоупотреби оваа можност, односно доколку работи фирмата добро, а прикаже негативна добивка, ќе следуваат казни. Тоа може да се утврди во март, кога ќе излезат завршните сметки од Управата за јавни приходи, преку кои може да се види дали прикажала фирмата лажен документ или ја прикажала реалната состојба – изјавија од ССМ.
Дел од работниците реагираа на социјалните мрежи дека некои газди ја користат оваа дупка во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 од само еден денар. Но, има и газди што го исплаќаат целиот износ, но потоа го бараат назад од работниците или им го пребиваат со платата.
Но, од друга страна, има и фирми што работат добро и што знаат да го ценат работникот и исплаќаат повисок износ од минимално утврдениот.
– Последниве години, освен фирмите што работат добро, високи износи на К-15 исплаќаат и некои маркети. Така, во државата има фирми што не штедат на работниците и за нив „само небото е лимит“. Освен регрес за годишен одмор, треба да се напомене и дека некои фирми исплаќаат и 13. плата, која изнесува колку просечната плата во државата – појаснуваат од Синдикатот.
Инаку, компаниите имаат зелено светло да исплаќаат К-15 за 2025 година од 1 јули, а законска обврска на работодавците е да завршат до 31 декември. Најмалиот износ на кој по два месеца може да сметаат работниците од приватниот сектор во моментот е 18.000 денари, односно 40 отсто од последните три просечни плати. Доколку фирмите го исплаќаат подоцна од 1 јули, износот ќе се зголемува, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.
Работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку шест месеци во календарската година, кај ист работодавец. Регресот за годишен одмор се исплаќа еднаш во текот на годината, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавците. За неисплаќање К-15, предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавците што бараат да им се вратат исплатените пари – и затворска казна од три месеци, па сè до една година, појаснуваат од ССМ.
Според податоците на Управата за јавни приходи, заклучно со 25 јули 2025 година, вкупно 5.091 работодавец исплатиле регрес за годишен одмор за 82.936 вработени лица.
Од пред две години, правото на регрес за годишен одмор стана задолжително и за сите работодавци од јавниот сектор. Годинава, околу 90 илјади административци може да сметаат на околу 12.000 денари. Освен наставниците, регрес добиваат и органите на државната и на локалната власт и друг државен орган основан во согласност со Уставот и со закон, како и институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и од други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Републиката или од општина, од Градот Скопје, како и од општина во Градот Скопје.
(А. С.)