Останаа само неисполнетите ветувања и грижата на граѓаните како навреме да стигнат до саканата дестинација и како да се справат со сметот, кој нередовно се собира од ЈП „Комунална хигиена“. Тие и натаму чекаат да пристигне автобус на автобуските постојки, кој, во меѓувреме, можеби се запалил или се расипал бидејќи е дотраен и стар, а и сè уште не може да се воспостави ред во собирањето на сметот. Не се реализираше ниту желбата на скопјани да биде обновена Универзална сала, која беше опожарена на 9 април минатата година

Скопјани ја поминаа годинава со повеќе нерешени проблеми од градските власти. Останаа само неисполнетите ветувања, но и грижата на граѓаните како навреме да стигнат до саканата дестинација и како да се справат со сметот, кој нередовно се собира од ЈП „Комунална хигиена“. Тие и натаму чекаат да пристигне автобус на автобуските постојки, кој, во меѓувреме, можеби се запалил или се расипал бидејќи е дотраен и стар, а и сè уште не може да се воспостави ред во собирањето на сметот.
Досега беа виновни ексградоначалничката Данела Арсовска и советниците, а и раководството, за лошото менаџирање со ЈСП „Скопје“. Тие не можеа да се усогласат за набавка на нови екоавтобуси и за реализацијата на БРТ. Немаше средства за нафта во автобусите, кои поради тоа беа паркирани во гаражите.
И приватните превозници останаа без финансии, бидејќи Град Скопје, односно ЈСП, не им го исплаќаше потребниот износ за изминат километар, па тие повремено ги повлекуваа своите автобуси од линиите .
По сите овие немили случувања, Владата даде ветување дека ќе бидат набавени 120 еколошки електрични автобуси. Беше распишан тендер на 17 јуни 2025 година, но, за жал, тој пропадна, со образложение дека на него се јавила само една компанија, но дека и таа не ги исполнила критериумите согласно со објавениот јавен повик.
Нов тендер сè уште не е објавен, но остана неодамнешното ветување на новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, дека очекува до првата половина на следната година да се нормализира состојбата со јавниот превоз, кога треба да стигнат новите автобуси. Сепак, признава дека сè уште има пропусти на одредени места, но вели дека се надминуваат проблемите.
Скопјани, освен летото на +40 Целзиусови степени, останаа и зимава на температури под нулата да ги чекаат и онака ретките дотраени автобуси.
Втор голем проблем со кој се соочија годинава главниот град и граѓаните беа нечистотијата и опасноста од ширење зарази, бидејќи почнаа да излегуваат глувци од ѓубрето. Градот тонеше во смет, а контејнерите и кантите беа преполни, бидејќи јавното претпријатие „Комунална хигиена“ не го собираше сметот редовно.
Причина беа, исто така, и старите и расипани камиони и недостигот на средства да се купат резервни делови за да се поправат тие, што беше резултат, исто така, на лошото менаџирање на претпријатието, но и на нередовната исплата на плати на неговите вработени.
Ексградоначалничката Арсовска повторно ја впери вината за неподносливата состојба во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што наведе, претседателката на Управниот одбор на претпријатието, Јулијана Спировска, од редовите на оваа партија, по наредба на ВМРО континуирано со години правела опструкции додека не се удави градот во смет.
Откако се удави Скопје во ѓубре, Владата издаде наредба Обвинителството да изврши проверки во работењето на ЈП „Комунална хигиена“, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, да спроведат вонреден инспекциски надзор на територијата на Град Скопје, со цел утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид отпад и преземање соодветни мерки и активности.
Разврската заврши со тоа што Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство – Скопје и определи мерка притвор од 30 дена за двајца раководители од ЈП „Комунална хигиена“, поради основано сомнение за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Притворот е изречен за Сабахадин Рустеми, в.д. директор на претпријатието, и за Аки Саити, управител за отпад, поради опасноста од влијание врз сведоците и можноста за повторување на делото.
Според Обвинителството, осомничените постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на обврските од оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, што резултирало со создавање мали депонии на јавни и на сообраќајни површини во Скопје.
Вонредните инспекциски контроли и експертското мислење од Институтот за јавно здравје потврдија дека ваквото управување со отпадот предизвикало оштетување на почвата, воздухот и на водата, со потенцијална опасност за здравјето на граѓаните.
По ова, Рустеми поднесе оставка од директорската позиција поради морални причини и да не ѝ попречува на истрагата.
Освен тоа, Ѓорѓиевски веднаш штом ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје, како што вети во предизборната кампања, спроведе 72-часовна акција за чистење на Скопје.
Скопје, поточно само центарот на градот, за миг замириса на убаво, но набргу потоа граѓаните од подалечните населби се пожалија дека повторно не се собира сметот редовно.
Тогаш скопскиот градоначалник образложи дека се соочил со тоа во ЈП „Комунална хигиена“, на почетокот да има само 16 функционални камиони, а дека сега има 40-50 камиони, но поради староста на возилата и честите дефекти, се случува да се намалува бројот на функционални возила на дневна основа.
Неговата последна изјава за медиумите беше дека ќе бидат набавени четириесет нови камиони за „Комунална хигиена“ до април наредната година. Тој информираше дека дел од 40. камиони ќе бидат набавени преку јавна набавка, за што се обезбедени средства во буџетот на Град Скопје, а дел преку Светска банка, и тоа во две фази.

Не се реализираше ниту желбата на скопјани да се обнови Универзална сала, која беше опожарена на 9 април минатата година.
Министерството за култура и туризам на 18 октомври информираше дека е завршена постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје и дека е донесена одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за изведба на градежни и на градежно-занаетчиски работи и ентериер на објектот Универзална сала во Скопје, по принципот на изградба „клуч на рака“. Потоа соопшти дека пропаднал, бидејќи имало жалба во однос на изведувачот, кој бил единствен изведувач.
Деновиве, пак, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, соопшти дека е обезбедена нова документација и дека објавена нова јавна набавка за реконструкција на Универзална сала, со што реконструкцијата повторно ќе се одолговлечи.
Реконструкцијата на Универзална сала започна на крајот од март минатата година, во време кога беше Бисера Костадиновска-Стојчевска министерка за култура, со замена на старата покривна купола со нова, современа.
Десет дена по поставувањето на новата купола, на 9 април минатата година, Универзална сала беше опожарена. Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, откако дојде на функцијата, ги стопираше градежните работи, кои почнаа кога беше Петре Шилегов градоначалник. Потоа Министерството за култура го презеде објектот.
Универзална сала не е во функција повеќе од девет години.
(А. П.)












