На 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и на авторскиот филм, македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија.

Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.

Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следуваше панел-дискусија на тема „Иднината на анимираниот филм во регионот“. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и за можностите за регионална соработка во современата анимација.

При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и на емотивната врска со фестивалот.

– Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм „Мал дисконтинуитет во време-просторот“, во 2014 година. Затоа ова признание има особена емоционална и професионална вредност за мене – рече Цветановски.

Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и за неговиот придонес во современиот филм, со акцент на фантастичниот и на анимираниот жанр.

ИЗДВОЕНИ