„Убиството на дете не е само суровост, тоа е напад врз човечноста. Чин што не може да се оправда. Морбидните дела ја потресоа јавноста. Манев, Боре, Кешишев и Палевски сковале филмско сценарио. Ја убиле веднаш. Ни грам совест, ни човечност. Родители се и тие. Убија невино дете”, тешки беа завршните зборови на обвинителката на судењето за двојното убиство на велешанецот Панче Жежовски и младата Вања Ѓорчевска.
„Го убиле девојчето брзо, ладнокрвно, сигурни во монструозниот план дека никој никогаш нема да дознае за злосторството. Немале никакво чувство, иако и самите имале деца, немале чувство кон Вања. Сакале со парите за Вања на своите деца да им обезбедат свадби, погодности, заклучи обвинителката од досега слушнатото и виденото во големата судница на Кривичниот суд.
Одлучиле да го грабнат Панче бидејќи имал „цитроен“ со голем гепек и бил самец, што го правело идеален за планот. Со тоа возило, во петокот на 24 ноември се обиделе да го грабнат девојчето, откако таткото претходно им кажал дека секој петок таа сама оди на училиште. Не успеале да ја грабнат во петокот, но не се откажале. Кога инцидентно во неделата ја добиле информацијата од Александар дека во понеделник на 27, Вања ќе оди сама на првиот час, во неделата вечер Манев и Видевски експресно пристигнале од Велес во Скопје, за утрото да го извршат злосторството. Со „рено кангото“ и со „цитроенот“, во понеделникот наутро, со радиостаници за комуницирање, со оставени телефони, тргнале да ја грабнат Вања.
„Убиле невино дете, кое ништо не им згрешило. Таткото, омилениот родител на Вања, со сигурност тврдел дека таа е киднапирана, не ни прашал за Миња, тргнал демек да ја бара, не кажал каде оди, а тргнал по истиот пат по кој оделе убијците“, обвинителството не се откажа од гонење на обвинетиот Александар Ѓорчевски кој и вчера за цело време од рочиштето мижеше со наведната глава, како што претходно кажа, да не ги гледа убијците на своето дете.
Преходно, обвинителката го прецизираше времето на убиствата, кое, пак, во текот на судењето го проблематизираше првоосомничениот Палевски. Така, 74-годишниот Жежовски бил убиен околу 11 часот, во местото Рудник, по велешка патарина, а 14-годишната Вања Ѓорчевска во време од 8.30-9.30 часот, во местото викано Оризови полиња кај Бразда.
Мајката пријавила во 8.02 во полиција дека Вања е исчезната, дека не отишла на училиште, за што дознала од наставничката. На полицајците им било чудно однесувањето на таткото Александар, кој цело време повторувал дека Вања е киднапирана. Кога полицијата сфатила дека запалениот „цитроен“ кај Бразда поминувал и пред зградата на Вања, виделе и возило пикап заедно со „цитроенот“. Во тој момент „цитроенот“ не бил поврзан со убиството на Вања – рече обвинителката. Сведокот Гоце Трајковски и таткото Александар им испратиле на полицајците и снимка од трафика спроти влезот на зградата, но останало непознато како Гоце и Александар го сфатиле тоа. Сопственикот зачудено констатитрал дека во објектот нема струја, а претходниот ден имало. Сопственикот констатирал и дека кабелот од камерата бил исечен. Го зеле ресиверот, но на него немало ништо, сите снимки биле избришани – обвинителката уште еднаш го прераскажа чудното однесување на обвинетиот Ѓорчевски.
Таа повтори дека Влатко Кешишев плачел и рекол дека е лош човек и дека ги однел полицајците кај опожарениот „цитроен“.
– Зачудувачки било како точно го знаел местото, иако претходно рекол дека не знае каде е запалено. Полицајците го прашале што сака да им каже, тој покажал со главата кон еден рид. Им рекол таму да бараат, а тој се свртел, не можел да гледа. Еден полицаец отишол по лопата, копале до моментот кога слушнале тап удар и виделе глава на девојче. Продолжиле со рачно откопување и ја откриле Вања, која била со врзани раце и нозе и со селотејп по устата – кажа обвинителката.
– Кога полицијата ги поврзала двете возила, „реното“ и „цитроенот“, обвинетиот Палевски на 30 ноември тргнал да бега, наводно за да оди на преглед, иако немал возило. Од Белград избегал кон Турција. Иако во Десна во тоа време имало закажани настани, тој избегал сам. Послушниците оставени од лидерот решиле да кажат што направиле. Кешишев го посочил местото каде што била закопана Вања, Манев посочил каде е закопан Панче. Обвинетиот Видевски потврдил дека Александар му дал информации на Палевски за ќерката – кажа обвинителката во својот завршен збор. (П.А.)