Италијанскиот кошаркар Акиле Полонара (33) боледува од леукемија, соопшти неговиот клуб Виртус Болоња. Судбината повторно е сурова кон него, бидејќи претходно го победи ракот на тестисите.

  • Во текот на последните неколку недели, Акиле Полонара беше подложен на специјалистички медицински прегледи, по што беше формулирана дијагноза за миелоидна леукемија. Полонара е примен во болницата „Сант’Орсола Малпиги“ во Болоња, каде што веќе започна со специфични терапии, објави клубот.

По веста за неговата болест, која ја објави неговиот клуб Виртус, и самиот Полонара се јави од болница. Тој се сликаше себеси во болнички кревет, прегрнувајќи ја сопругата и ги увери сите дека ќе биде добро.

  • Сè ќе биде во ред. Ви благодарам за многуте пораки, порача Полонара.

За Полонара, за жал, ова не е прв „натпревар“ против застрашувачки и невидлив противник. Во октомври 2023 година, му беше дијагностициран рак на тестисите. По операцијата и циклусот хемотерапија, тој го продолжи својот секојдневен живот, како татко, сопруг и кошаркар. Сепак, сега се соочува со нова борба.

Инаку, миелоидната леукемија е вид на леукемија која има побавен тек на прогресија и е помалку агресивна од акутната леукемија. Најчесто се јавува кај постари мажи, а ова е вторпат за кратко време Полонора да биде сериозно болен.

Полонара е во Виртус од 2023 година, а претходно играше за Жалгирис, Анадолу Ефес, Фенербахче, Басконија, Динамо Сасари, Реџана и Варезе.

Виртус Болоња моментално води со 2-0 во финалето на плејофот од италијанското првенство против Палаканестро Бреша. Се игра до три победи.

ИЗДВОЕНИ