
Најдобриот тенисер во историјата Србинот, Новак Ѓоковиќ, доаѓа на Отвореното првенство на САД без ниту еден одигран натпревар на бетон, откако загуби во полуфиналето на Вимблдон од Јаник Синер. Тешко е да се замисли идеално сценарио во кое тој би ја освоил 25. гренд слем титула, но тоа е далеку од последна шанса. Многумина веруваат дека тој ќе објави за крајот на кариерата на Отвореното првенство на Австралија, каде што е рекордер со 10 титули. А на таа тема зборуваа поранешните американски тенисери Сем Квери и Џон Иснер.
Кариерата на Новак е далеку од завршена, тој постојано истакнува дека сака да игра до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година и дека ова е единствената мотивација што му преостанува.
Во најновата епизода од поткастот „Nothing Major”, поранешниот американски ас, Сем Квери, го праша Џон Иснер што мисли, кога ќе се пензионира Ѓоковиќ.
– Дали мислиш дека Ѓоковиќ еден ден ќе одлучи: „2026 година ќе ми биде последна година“? – праша Квери.
– Мислам дека си во право. Претпоставувам дека кога знаеш, знаеш. Можеби, ќе стигне до тој момент кога ќе се разбуди едно утро и ќе помисли: „Човеку, доста ми е!“ Се надевам дека тоа ќе биде за четири години – рече Иснер.
Српскиот ас крена четири пехари во Њујорк, во 2011, 2015, 2018 и во 2023 година. Минатата сезона, тој беше елиминиран во третото коло, а ново е што ќе игра во двојки со Олга Даниловиќ.
Србинот беше поразен во финалето шест пати: во 2007, 2010, 2012, 2013, 2016 и 2021 година. Својата прва титула ја освои во 2011 година, што е една од најуспешните во неговата кариера.